Асоцијацијата „Еквалис“ организира „Чешми, сенки и негативен простор“ – пешачка тура низ животот во градот (Скопје) на 19 октомври (сабота) со почеток во 13:00 од игралиштето Славка Недиќ.
„Многу меѓу-простори и лиминални локации произлегуваат од отпечатокот на официјалните градби во просторот околу нив. Во овој т.н. негативен простор поминуваме голем дел од нашето време и животи, ако го исклучиме нашиот престој во домовите, школите или работните места. Доколку овие простори не се соодветно планирани, уредени или регулирани, луѓето имаат тенденција да ги создаваат самите. Така, во отсуство на одговорно планирање, дворовите на јавните институции стануваат паркови и места за социјализација; непосетените локации стануваат јавни тоалети; а плоштадите се сведуваат на патеки кои ги посетуваме само кога се движиме од едно место до друго“, се вели во информацијата за настанот.
На оваа тура, велат од Асоцијацијата, ќе се посетат локации локации во центарот на градот кои го отсликуваат токму тоа: (не)грижата на оние кои носат планови и одлуки, но и нашите вистински потреби како луѓе кои живеат, работат и се движат во овој град.
„Ќе посетиме локации кои се добри примери за планирање на градот по мерка на човекот, но и локации кои поради инвеститорски урбанизам, гентрификација или друга негрижа, стануваат грди/небезбедни/скапи премрежја или скриени богатства на скопјаните“, велат од „Еквалис“.
Турата трае 2 часа и се протега на 2,5 км во центарот на градот, а ќе ја води Ивана Драгшиќ.
Ивана Драгшиќ е социолог и цивилна операторка заинтересирана за контракултурни пракси, институционална иновација, комонс и слободно време. Таа е активна истражувачка, авторка и уредничка на изданија од областа на заедничките добра и екофеминизмот, со силен афинитет кон концептите со кои се испреплетуваат: јавни простори, урбано зеленило, граѓанско учество, управување со ресурси, универзален основен приход, меѓу-зависност и конвивијалност. Драгшиќ е диџејка и аматерска уметничка/изведувачка.
Сите заинтересирани учесници треба да ја пополнат апликацијата на овој ЛИНК.