Екологистите со порака до Владата: Рудници не треба да има во нивите, покрај водите и во заштитени подрачја

Четириесет и девет граѓански организации и институции од секторот животна средина здружено се собраа со барање за средба со надлежните институции, со цел да се гарантираат еколошки параметри во Предлог – Стратегијата за рударство 2025-2045, која се подготвува за усвојување.

Нивното бaрањето беше поднесено до министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска и премиерот Христијан Мицкоски, а тие одржаа и прес-конференција каде екологистите рекоа дека тргнуваат од нивната мисија да ја заштитат животната средина, биодиверзитетот и здравјето на луѓето и бараат внимателно и одржливо трошење на минералните суровини.

„Државата да тргне од врвниот јавен интерес за обезбедување здрав и квалитетен живот за граѓаните. Рударство може да има онаму, кај што не ги загрозува населбите и биодиверзитетот. Тоа значи: НЕ во дворовите на луѓето, НЕ во нивите, НЕ покрај водите, НЕ во заштитени подрачја“, порачаа здружените организации и институции.

Анализирајќи ја нацрт-стратегијата, екологистите утврдиле дека текстот е во колизија со ред закони и стратегии усогласени со меѓународните регулативи во областа на земјоделството, туризмот и животната средина, кои се водат од зачувување на водите, почвите и воздухот, како одбрана од климатските промени.

„Поради ова, екологистите бараат Стратегијата за рударство да се темели на конкретни еколошки принципи и начела. Го поздравуваат мотото на документот: Искористување и експлоатација НЕ по секоја цена, кое е во духот на одржливиот развој“, соопштуваат тие.

Бараат усогласување со државните стратешки документи за животна средина, климатски промени, туризам, земјоделие и рурален развој, енергетика, врз база на кои, како што велат, со децении се вложувало во инфраструктура, субвенции и бизниси.

„Мора да има континуитет и во стратешките документи за индустриската политика усогласени со политиките на ЕУ, т.е. ‘развој на применети истражувања и производство на одржливи, органски и специјализирани високо технолошки производи и услуги’. Конкретно, развој на ‘одржливи и автентични индустрии како: органско вино и храна, еко-челик, еколошко градежништво, креативни индустрии, информатички и комуникациски технологии, медицинска опрема и услуги, автентичен туризам и други индустрии’“, наведоа екологистите, цитирајќи ја Индустриската политика на Р. Македонија 2009-2020, изработена со Светска банка.

Екологистите велат НЕ за „рударскоцентричен концепт“ и промоција на Македонија како „рударска земја“, зашто, велат тие, тоа е во колизија со сите македонски и европски стратешки документи за зелена енергија, циркуларна економија, зелена инфраструктура, заштита на животната средина и климатска акција.

„Неконтролирана рударска експанзија би ги загрозила сите други стопански сектори и би ги поништила сите инвестиции во Македонија како туристичка и земјоделска земја со производство на здрава храна и вино. Со оглед на големината на земјата, рељефот и хидролошката мрежа, потенцијалните еколошки хаварии може да се прошират низ цела држава“, рекоа тие.

Екологистите силно се противат на рудници во заштитени подрачја и подрачја кои се во фаза на заштита (Кожуф, Огражден, Беласица, Јакупица, Јабланица). Понатаму, на рудници на 5 километри од населено место или од заштитено подрачје, зашто е забранета загадувачка индустрија на тоа растојание, а исто така и на обнова на старите рудници и отворање нови во места кои се веќе еколошки оптоварени со старо историско загадување, за кои сметаат дека би значело дополнителни здравствени проблеми за жителите, со ново загадување на воздухот, водата и почвата (Пробиштип, Лојане).

Од институциите бараат конечно да пристапат кон санација и рекултивација на старите рудници, со решавање на еколошките проблеми, заради заштита на здравјето и животната средина, но и заради подигање на довербата во институциите за одговорно однесување во рударството.

„Исто така, бараме грижа за еколошките мрежи за заштита на биодиверзитетот, посебно на дивиот свет и природните живеалишта, за кои сме зеле обврски како држава (Емералд, НАТУРА 2000). Апелираме на затворање на ископите на јаглен, и конечно усогласување на енергетичарите, рударите и екологистите, од аспект на климатските планови. Бараме да се донесе најавената законска регулатива што е неопходна за да може да има издржана стратегија за рударство. Тоа е: нов Просторен план на Р.С. Македонија и ажурирани просторни планови по региони, нов Закон за просторно планирање и нов Закон за води“, нагласија екологистите.

Бараат и спроведување на препораките од Ревизијата на успешност во управувањето со минералните суровини 2016-2020 на Државниот завод за ревизија, комплементарни со барањата на екологистите од кампањата „РазбистриСе“. Поточно, институциите да тргнат од јавниот интерес, со стратешки пристап за обемот и начинот на геолошките истражувања и експлоатацијата на минералните суровини, со „одржливо“ искористување, преку јакнење на капацитетите за ефикасни контролни механизми во сите фази на концесијата – од финансиска гаранција во случај на штети по животната средина, преку јавно достапни податоци за постапката по која е склучен договорот, се до надзор над загадувањето на природата, над количеството ископани минерални суровини и над мерките за рекултивација на земјиштето.

„Особено важна е препораката што се однесува на постојните рудници со отворен коп, кои продолжуваат да работат со цијаниди и сулфурна киселина, целосно да си ги усогласат еколошките дозволи со Директивата за индустриски емисии 2010/75/ЕУ, зад која доцнат цели 14 години! Бараме и запирање на постапките за нови рудници додека не се реформира постапката за оцена на влијанието врз животната средина, што е на линија со извештајот на Европската комисија (2023), и со Препорака 211 од Бернската конвенција (2021, 2023)“, посочија тие.

Екологистите бараат да се отвори широка дискусија во општеството за овој, како што велат, важен стратешки документ за Македонија, за да биде донесен низ транспарентна процедура и со вклученост на сите засегнати страни, преку вклучување на сите релевантни забелешки и сугестии.

Барањето е поднесено од: Зелен институт, Еко Долина – Ново Село, Здрава Котлина – Струмица, Спас за нас – Гевгелија, Зелените од Гази Баба, ИКС Институт за комуникациски студии, О2 иницијатива, Грин.орг – Кочани, Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг и проф. Кирил Сотировски, РАДАР, АРНО, Фронт 21/42, Еко-живот – Кавадарци, Еко звон, ЦИКП, Го сакам Водно, АРТ ПОИНТ – ГУМНО, Новинари за човекови права, Балканска водна мрежа, Национален Рома Центар, Охрид СОС, ЕКО ЛОГИК, Гоу Грин, Геосфера – Битола, Ековита – Неготино, Здружение на мултиетничко општество за човекови права Штип, Рурална коалиција, Куќа на среќата, Институт за биологија при ПМФ и проф. Рената Ќуштеревска, Институт за демократија, АДИ, Шанса за Центар, МЦМС, МАЦЕФ, Чеинџмејкерс, ЕДЕН, Зелен хуман град, Вила Зора Велес, ДЕМ, Независни од Карпош – За заштита на Карпош, СТИГА Е – Ново Село, Струмица и Босилово, Млади за Македонија, Центар за управување со знаење, Полимат 13 – Богданци, МЕД, Проф. Валентина Стаменковиќ од Институт за биологија при ПМФ, Граѓански центар за одржлив развој ЕГРИ, Млади правници, Еко Герила Тетово