Промоција на списанието „Филозофска трибина“ во КИЦ

Промоцијата на 34. број на списанието „Филозофска трибина“ ќе се одржи во среда (16 октомври) во 19 часот во Салон – Империјал 2  во Културно информативниот центар – Скопје.

Во „Филозофска трибина 34“ се поместени шест авторски текстови (од: Мирко Ѓошевски, Трајче Стојанов, Марија Тодоровска, Александар Стаматов, Пантелеј Кондратјук и Бошко Караџов). Списанието содржи и два преводи на текстови (од Еуген Финк и Стивен Фридман, во превод на Трајче Серафимовски и Ана Димишковска). Во рубриката Студентски форум има три текстови (од: Сара Котеска, Андреј Лазаревски и Илија Вељаноски). Рубриката Прикази содржи еден прилог од Ана Димишковска. Последната рубрика Филозофски живот ги содржи стандардните прилози (прегледите на филозофските настани и на новообјавените наслови со филозофско педигре), како и Осврт кон 13. Филозофски филмски фестивал сочинет од Марија Велинова.

Промотор ќе биде докторанд Душица Димитровска.

„Филозофска трибина“ е првото македонско стручно списание од областа на општествените науки. Првиот негов број излегува во далечната 1978 година и во него свои статии и научни трудови објавуваат значајни теоретичари и интелектуалци од областа на општествените науки.

Излегувањето на „Филозофска трибина“ е поддржано од страна на Министерството за култура. Промоцијата се реализира со поддршка од Град Скопје.

Целокупната содржина на бројот е достапна на следниот линк од веб-страницата на Филозофското друштво на Македонија.