Секоја осма жена во светот била силувана пред полнолетство, УНИЦЕФ бара засилена глобална акција против сексуалното насилство

Повеќе од 370 милиони девојчиња и жени, или секоја осма во светот, биле жртви на силување или сексуален напад пред да наполнат 18 години. Таа бројка расте на 650 милиони, или на секоја петта, кога во обзир ќе се земат и „неконтактните“ облици на сексуално насилство, како што е интернет или вербалното злоставување, процени Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) во првото глобално истражување за овој проблем. Ова ја нагласува итната потреба за сеопфатни стратегии за превенција и поддршка кои ефективно ќе ги адресираат сите форми на насилство и злоупотреба, сметаат оттаму. 

„Сексуалното насилство врз децата е дамка на нашата морална совест. Тоа нанесува длабока и трајна траума, често од некој што детето го познава и има доверба, на места каде што треба да се чувствува безбедно“, рече Кетрин Расел, извршната директорка на УНИЦЕФ.

Сексуалното насилство врз децата е распространето, надминувајќи ги географските, културните и економските граници, покажуваат податоците.

„Првите глобални и регионални проценки за сексуалното насилство врз децата откриваат алармантна преваленција, со разорно влијание врз децата. Го откриваат обемот на прекршувањето во светот, особено за адолесцентките, често со доживотни импликации“, истакнуваат од УНИЦЕФ.

Во кревки услови како што се државите со слаби институции, мировни сили на ОН или голем број бегалци кои бегаат поради политички или безбедносни кризи, девојчињата се соочуваат со уште поголем ризик, со преваленција на силување и сексуален напад во детството малку повеќе од секое четврто девојче.

„Децата во кревки услови се особено ранливи на сексуално насилство. Сведоци сме на ужасно сексуално насилство во конфликтните зони, каде што силувањето и родовото насилство често се користат како оружје за војна“, додаде Расел.

Според податоците, најголем дел од сексуалното насилство во детството се случува за време на адолесценцијата, особено помеѓу 14 и 17 години. Истражувањата покажуваат дека децата кои доживуваат сексуално насилство имаат поголема веројатност да претрпат повеќекратно злоставување.

„Интервенирањето за време на адолесценцијата е клучно за прекинување на овој циклус и за ублажување на долгорочните влијанија од таквата траума. Преживеаните често ја носат траумата од сексуално насилство во зрелоста, соочени со повисоки ризици од сексуално преносливи болести, злоупотреба на супстанции, социјална изолација и проблеми со менталното здравје како анксиозност и депресија, како и предизвици во формирањето здрави врски. Доказите покажуваат дека влијанието дополнително се зголемува кога децата го одложуваат откривањето на своите искуства, понекогаш на долги периоди, или целосно ја чуваат злоупотребата во тајност“, посочуваат од УНИЦЕФ.

Иако повеќе девојчиња и жени се погодени и нивните искуства се подобро документирани, момчињата и мажите се исто така погодени, покажуваат податоците. Само 1 од 6 земји во светот имаат национални податоци за искуствата на момчињата од сексуално насилство, а на 4 од 10 земји им недостасуваат национални податоци за искуствата на девојчињата.

 

 

 

„Постојаните празнини во податоците, особено за искуствата на момчињата и бесконтактните форми на сексуално насилство, ја нагласуваат потребата од зголемени инвестиции во собирањето податоци за да се опфати целосниот обем на сексуалното насилство врз децата“, наведуваат од Агенцијата.

Меѓу другото, УНИЦЕФ бара да се сменат општествените и културните норми, кои дозволуваат појава на сексуално насилство и ги обесхрабруваат децата да бараат помош. Понатаму, на секое дете да му се обезбедат точни, достапни и соодветни информации за возраста за да препознава и пријави сексуално насилство, но и да се овозможи на секое дете жртва да има пристап до услуги кои ја поддржуваат правдата, неговото закрепнување и го намалуваат ризикот од понатамошна штета.

„Исто така, зајакнување на законите и регулативите за заштита на децата од сите форми на сексуално насилство, вклучително и во организациите кои работат со деца. Инвестирање во луѓето, ресурсите и системите потребни за нивно спроведување и изградба на подобри национални системи за податоци за следење на напредокот и обезбедување одговорност преку имплементирање на меѓународни стандарди како што е меѓународната класификација на насилството врз децата. УНИЦЕФ бара засилена глобална акција за борба против сексуалното насилство кај децата и градење побезбедна иднина за децата ширум светот“, соопштува организацијата.

Инаку, следниот месец во Колумбија ќе се оддржи Глобалната министерска конференција за насилство врз децата. На неа ќе присуствуваат владини лидери, граѓани, активисти, жртви и засегнати млади луѓе.

Ангела Петкова
Техничка поддршка: Мартин Колоски