„Мировна акција“ го објави овогодишниот повик за петнаесеттиот по ред „Тренинг за соочување со минатото и изградба на мир“ кој ќе се одржи од 31 октомври до 10 ноември.
Ова е програма на неформално образование која „Мировна акција“ ја нуди еднаш годишно и се одвива континуирано уште од 2011 година. Програмата е отворена за сите полнолетни граѓани/ки.
„На тренингот нудиме програма која развива компетенции за ненасилна комуникација, работа во тим, разбирање на конфликти, родови улоги во општеството, соочување со минатото и изградба на мир, идентитети, дискриминација, ненасилна акција. Програмата е флексибилна, направена е да ги следи потребите, можностите и мотивацијата на учесниците/чките и се менува по потреба, но костурот на наведените теми останува. Нудиме простор за теоретска доедукација на темите, но и простор за лично преиспитување и индивидуален напредок“, велат од „Мировна акција“.
Оттаму најавија дека учесниците на крајот на програмата ќе добијат сертификати за учеството со обработените теми и часови.
„Програмата може да биде продлабочување на разни студиски области: Психологија, Социологија, Историја, Филозофија, Мировни студии, Безбедност, одбрана и мир, Родови студии, Интеркултурни студии, релевантна е за искуства во образование и сл., но во исто време е погодна и за разни профили кои се заинтересирани да се надградуваат на некои од овие теми иако немаат претходно искуство во ниедна од наведените. Не е потребно никакво предзнаење за да се пријавите. За учество на тренингот не е потребно да си член на некое здружение на граѓани, тренингот е отворен за сите полнолетни лица“, додаваат оттаму.
Трошоците за учество на тренингот, односно патните трошоци, сместување и храна ги покрива организацијата.
Тренингот претежно ќе се одвива на македонски јазик, но од „Мировна акција“ додаваат дека секој учесник кој сака да користи албански јазик, тоа ќе може да го стори.
„Нудиме и помош за превод по потреба, а на работилниците ги користиме и двата јазици. Сите материјали се двојазични, на македонски и албански“, посочуваат од „Мировна акција“.
Рокот за пријавување е 24 октомври. Повеќе информации можат да се најдат на следниов ЛИНК.