Во периодот од 18 до 25 октомври ќе се одржува петнаесетотто издание на „ЕХО“, фестивал што е посветен на ширење на планинарската култура преку изложби, издавање книги, панел дискусии, детски и филмски работилници, како и предавања на многу различни теми.
„Ехо Фестивал на планински филм 2024“ официјалното отворање ќе го има во Дом на АРМ, петок 18 октомври од 20 часот со проекција на филмот „Виорник од работ“, Игор Вртачник, Словенија, 2024, 107′, каде обраќање ќе има и режисерот Игор Вртачник.
„Следните седум денови програмата ќе продолжи во Кинотека, каде имаме две паралелни кино сали со проекции“, посочуваат организаторите.
Меѓу филмовите во програмата ќе биде „Големиот бел кит“ на Мајкл Чарлс Дилон, возбудлива приказна за две експедиции и нивната авантура.
„Длабоко во дивиот Јужен Океан, на пола пат помеѓу Австралија и Африка, како голем бел кит се издигнува 3000-метри висок заснежен вулкан. Пет пати се обиде да го убие првиот тим кој се обиде да го искачи… Но, тие беа упорни и одлучија да се вратат, низ најлошите води во светот – да се обидат повторно, а овој пат со легендарниот Бил Тилман како капетан“, најавуваат организаторите.
Исто така, на програмата е и францускиот филм „Хроноцепција“ од Гијом Брост. Се работи за безвременска ски и сноуборд авантура во Киргистан. По патеката на номадските народи и стариот Пат на свилата, Томас Делфино, во придружба на Леа Кло и Аурелин Ларди, тргнуваат на експедиција за да стигнат до едно од најизолираните места на континентот.
„Кокшал-Тоо се наоѓа во Тјен Шан – на границата помеѓу Киргистан и Кина и е дом на неистражувани планини и страни. Овој искусен тим, придружуван од познатите водичи Елиас Милеру и Жан-Ив Фредриксен, се наоѓа себе како исфрлен во Вселената, каде времето како одеднаш да запрело…“, е најавата за филмот.
Исто така, на фестивалот ќе се прикажува „Ехото од зимата“ на Италијанецот Давиде Карасоти, кој преку филмот раскажува како е да се живее со планините, додека „Мета – жените пионери во алпинизмот“ оддава почит кон Бревурт, вистински пионер во алпинизмот, искачувајќи бројни врвови и притоа рушејќи социјални и родови норми.
Темата на фестивалот опфаќа планински спортови, еколошки филмови, документарни филмови кои ја отсликуваат врската помеѓу човекот и природата.
Детските работилници ќе се одржат во ЕУ Хаус, освен едната која ќе биде демонстрација на поставување на фото-замки за диви животни од Македонското еколошко друштво (МЕД), која ќе се одржи во дворот на Кинотека на РМ.
Ова е особено важно ако се знае дека, пример, МЕД веќе со години го проучува балканскиот рис, кој е симбол на Македонија и е врежан на петденарката, ама е на раб на изумирање според Црвената листа на загрозени видови. Затоа, овие камери-замки помагаат за лоцирање и проучување на мистериозните „големи мачки“.
Од „ЕХО“ ја најавуваат и работилницата „Планински креативен документарен филм“, исто така во Кинотека.
Секоја вечер освен отворањето и затворањето на фестивалот, ќе има некоја презентација / панел дискусија. Пример, во сабота 19 октомври ќе се одржи „Пожари: што пред и после нив?“ на Сара Крстевска и Лазар Николов.
„Случувања кои длабоко не’ погодија како држава годинава од аспект на нивна бројност, опсег… Не’ болеше, се лутевме, се чувствувавме беспомошни, тажни – како ние, кои сме пасионирани вљубеници во природата и планините, но така секако и луќето кои живеат во близина или беа и директно погодени од нив, а така секако и целиот друг жив свет околу нас..“, стои во најавата за презентацијата.
Меѓу другите, во понеделник 20 октомври ќе се случи презентацијата „Националниот планински музеј во Торино и неговата архива на историски филмови“ од Марко Рибети, кој доаѓа од Италија. Ден потоа, вторник 21 октомври, се одржува еколошкиот панел со име „Mечка страв, мене не страв!“.
„Во последните неколку години, се’ повеќе е забележливо присуството на мечките во планините и во близина на населените планински места и патишта и зголемување на бројот на ‘блиски средби од трет вид’ со нив“, стои во најавата за панелот.
Оттука, панелисти-експерти ќе дискутираат на прашањата дали е можен соживот меѓу луѓето и кафеавата мечка, за тоа какви се искуствата на еколозите и ветеринарите во врска со заштитата на овој вид, но и што е потребно за добро управување со кафеавата мечка и соодветно намалување на инцидентите во природата.
Среда е резервирана за Освалд Переира, еден од видните гости на фестивалот, кој ќе зборува на тема „Зоната на смртта“, од филмска перспективa. Тој полски филмски режисер и кинематограф, автор на документарни филмови кои ги доловуваат суровите емоции на алпинистите додека се обидуваат да се искачат на највисоките врвови на Земјата.
„Освалд лично се има искачено на пет врва повисоки од осум илјади метри и тоа без употреба на дополнителен кислород или поддршка од Шерпаси. Во текот на изминатите две години, тој формираше динамично партнерство за качување со Бартек Зиемски. Заедно тие се качија на четири врва повисоки од 8.000 метри, при што Бартек скијаше надолу, додека Освалд ги снимаше овие извонредни подвизи“, се вели во најавата.
Последниот настан во делот на презентации/дискусии е закажан за 24 октомври, четврток, кога присутните ќе можат да се запознаат и поразговараат со Јане Стефанов, човек кој активно се занимава со авантуристички спортови и е инструктор за падобранство, нуркање и скијање за лица со попреченост. Кога не обучува луѓе како да скокнат од авион, Јане лета со параглајдер или ултралесен авион.
Тој ќе зборува на тема „Како спортот и природата ќе ги спасат младите од пороците на модерното живеење“.
Организаторот посочува дека на фестивалот ќе три филмски жирија.
„Главно жири составено од Трифун Ситниковски, Златко Ѓелески и Маја Мухич, Еколошко жири составено од членови на Македонскот еколошко друштво, жири за најдобар алпинистички и качувачки филм, составено со членови на Македонската алпинистичка федерација, и жири за најдобар ски/сноуборд филм. На фестивалот за конкурсот за најдобра фотографија ќе оценува и жири за најдобра планинска фотографија, составено од членови на фестивалот ‘Зрно’“, соопштуваат од фестивалот.
Влезот за сите фестивалски програми ќе биде бесплатен.
Бојан Шашевски