Истражување во пет градови: Огревното дрво труе во зима, а сообраќајот загадува во лето

Аерозагадувањето во зимските денови најмногу е предизвикано од дрвата за огрев, додека во летно време најпроблематичен е сообраќајот, покажа истражување спроведено во пет градови: Струмица, Струга, Куманово, Кавадарци и Гостивар.

При студијата изработена од лабораторијата Амбикон при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, истражувачите идентификувале шест главни фактори на загадувањето.

„Тоа се: согорувањето на биомаса или дрва, минералната прашина (поврзана со градежништво и ресуспензија на прашина од улиците, еолската ерозија од ветарот), сообраќајот, специфичен извор е оган на отворање и согорување на отпад кој го забележуваме насекаде во државата, но и согорувањето нафта и мазут кој најчесто се користи за затоплување на јавните институции“, рече ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, Дејан Мираковски.

Според него, убедливо најголемо учество во зимските месеци има согорувањето на дрва, околу 30 отсто. Околу сообраќајот, Мираковски рече дека, пример, Струга нормално е во летните месеци да покажува зголемено аерозагадување од сообраќај, со оглед на тоа што е туристичко место, а сите  опфатени градови се во внатрешноста, каде голем процент од затоплувањето на домовите доаѓа од согорување дрва.

„Карактеристичен е изворот на загадување од согорување на отпад на отворено, тука се вклучува согорувањето на отпад од земјоделски производи, а тоа се јавува во текот на пролетните и летните месеци, како и во есенскиот период“, додаде тој.

Прашан дали ваквите показатели ќе бидат земени предвид за решавање на проблемот, тој рече дека за Скопје имале истражување, но „не сум сигурен дали се преточени во мерки“.

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, рече дека за ефикасно решавање на аерозагадувањето, клучно е да се разбере коренот на проблемот.

„Затоа сме тука да ги слушнеме од експертите и академската фела резултатите од темелната анализа за откривање и идентификација на локалните извори на загадување на воздухот. Тие се од големо значење за формирањето на приоритетни политики, мерки и акции што се итно потребни во нашата заедничка борба со аерозагадувањето”, изјави Меџити.

Од ресорното министерството, коментирајќи ги резултатите, велат дека иако истражувањерто како најголем извор го детектираше огревното дрво, сепак, постојат значителни разлики помеѓу општините и тие треба да бидат земени предвид при креирање мерки и политики за унапредување на квалитетот на воздухот.

Според постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан загадувањето на воздухот е значаен предизвик за земјата, а УНДП со финансиска поддршка на Шведска интензивно работи на изнаоѓање соодветни решенија.

„Во соработка со бројни институции и организации, ги споивме науката, знаењето, институционалната поддршка, визијата и оптимизмот. Во 2020 година за прв пат во С. Македонија спроведовме сеопфатен циклус на истражувања. Користејќи модерна опрема финансирана од Шведска специјално за оваа намена, собраните материјали беа анализирани и беше изработена првата студија за распределба на извори во земјата од ваков вид. Оваа година, истражувањето беше спроведено во пет општини и резултатите ќе ги водат нашите идни напори за подобрување на квалитетот на воздухот“, изјави Григорјан.

Инаку, во резултатите добиени врз основа на едногодишен мониторинг и анализа на повеќе од 1.000 примероци во сите пет општини, со својот интензитет како најголем извор се издвојува согорувањето на биомасата (дрва) за греење, следено од сообраќајот и минералната прашина, кои имаат значително поголем удел во текот на летните месеци.

Проектот е дел од Рамковната програма на УНДП, која е финансирана од Шведска, а го вклучува и проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти.