УСС УКИМ од министерот Андоновски побараа дигитализација наместо редици по факултетите

Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) информира дека денес остварило средба со министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на која биле дискутирани неколку точки поврзани со подигнување на студентскиот стандард преку процесот на дигитализација во високото образование.

„Целта е да ја ставиме дигитализацијата на студентските процеси во центарот на реформите што ќе придонесат кон модернизација на високото образование во Македонија. Ова барање произлегува од потребата за поедноставување и оптимизирање на административните процеси кои досега се оптоварени со непотребна бирократија, губење на време и ресурси, што го отежнува секојдневието на студентите и образовните институции“, стои како образложение на барањето на УСС УКИМ, поднесено до ресорното министерство.

Оттука, како што велат од УСС УКИМ, фокусот на средбата бил на дигитализирање на статистички обрасци кои ги пополнуваат студентите, во соработка со Државниот завод за статистика и Министерството за дигитална трансформација.

Фото: УСС УКИМ

„Со дигитализацијата на статистичките обрасци, ќе се овозможи побрза и поефикасна размена на податоци помеѓу институциите, што е клучно за правење информирани одлуки и долгорочни стратегии за развој на високото образование. Ова ќе ја намали и можноста за грешки, како и времето потребно за собирање и обработка на податоците“, се вели во образложението на барање.

Понатаму, УСС УКИМ при средбата побарал и електронско аплицирање за ЈСП студентската картичка, но и за здравствено осигурување за студентите, со што, велат тие, ќе се елиминира потребата од физичка апликација и непотребни административни процедури.

Воедно бараат воведување исклучиво електронски упис на студентите на факултет за да се олесни процедурата за новите генерации, а истовремено и дигитализација на книгите за запишани и дипломирани студенти – како би се обезбедило трајна заштита на важни документи и полесен пристап до нив.

„Со овие иницијативи, целиме да ја поедноставиме и модернизираме секојдневната редица од студенти и работата на образовните институции“, велат од УСС УКИМ, образложувајќи дека дигитализацијата освен што ќе ја зголеми ефикасноста на надлежните, исто така ќе ја намали и можноста за корупција, како значаен чекор кон транспарентно и одговорно општество.

Бојан Шашевски