Повеќе од 400.000 деца во Либан се раселени во изминатите три недели, изјави висок претставник на УНИЦЕФ, предупредувајќи на „изгубена генерација“ во малата земја која се соочува со повеќе кризи и сега е вовлечена во војна, пишува „Н1“.
Борбите во Либан, кои се одвиваат веќе три недели, принудија 1,2 милиони луѓе да ги напуштат своите домови, а повеќето од нив побегнаа во Бејрут или северниот дел на земјата.
Тед Чајбан, заменик-извршен директор за хуманитарна акција на УНИЦЕФ, ги посети училиштата кои се претворени во засолништа за раселените семејства.
„Она што ме зачуди е тоа што оваа тринеделна војна погоди толку голем број деца. Додека седиме овде, 1,2 милиони деца се лишени од образование. Либанските јавни училишта или станаа недостапни, или беа оштетени од војна или се користат како засолништа. Последното нешто што и треба на оваа земја, по се што помина, е ризикот да изгуби неколку генерации“, рече Чајбан.
Иако некои приватни училишта во Либан се сè уште отворени, јавниот образовен систем е сериозно погоден од војната, заедно со најранливите групи во земјата, како што се палестинските и сириските бегалци.
Израел ја засили својата кампања против милитантната група Хезболах со седиште во Либан а започна и копнена инвазија по размената на оган со проиранската милитантна група за време на нејзината војна со Хамас во Појасот Газа.