Секторската работна група за изработка на Националната стратегија за информатичко-комуникациски и телекомуникациски развој во државата (ИКТ), со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска го одржаа првиот состанок со кој се означи процесот на изработка на новата Националната стратегија.
Целта, како што вели Андоновски е да се дефинираат активностите на институциите и Владата за дигиталната трансформација на државата. Тој истакна дека 7 години нема стратешки документ по кој може да се постапува.
„Затоа Стратегијата ќе биде најголемиот и најкомплексниот стратешки документ во областа на дигиталната трансформација на кој ќе работат преку 50 експерти во областа“, истакна Андоновски.
Оваа стратегија, според Андоновски ќе ги постави темелите на дигиталната трансформација во Македонија.
„Ова е многу важен документ затоа што ќе ги исцрта активностите во наредните 4 години и ќе ја постави визијата и на министерството и на Владата за процесот на дигиталната трансформација. Таа ќе биде поврзана со клучните документи на ЕУ, особено агендата 2030 за дигитална трансформација, но и со други стратешки документи кои се од значење на државата“, дополни тој.
Мицкоски пак посочи дека Националната стратегија е клучниот документ кој ќе ги води сите напори и активности во однос на дигиталната трансформација, според кој ќе се мерат напредокот и достигнувањата на ова поле.
„Неопходно е да чекориме во ист ритам во свет кој напредува со огромна брзина, а пристапот до дигиталните технологии и нивно подведување во функција и интерес на човекот и нивното правилно искористување отвора нови хоризонти и перспективи за сите. Важно е да се разбере дека дигитализацијата не претставува една, монолитна работа, туку опфаќа низа комплексни, меѓусебно поврзани и комплементарни чекори. За да чекориме по вистински пат важно е да се знае од каде поаѓаме, како и каде се движиме. Внимателен, сеопфатен, стручен и структуриран пристап е клучен предуслов за дигитална трансформација и последователно, општествен развој во согласност со светските текови“, изјави премиерот Мицкоски на денешната прес-конференција.
Во меѓувреме, министерот за дигитална трансформација, Андоновски ја нагласи важноста на овој чекор, за како што рече, иднината на земјата
„Со оваа стратегија, ние не само што ќе ја зајакнеме конкурентноста на Македонија, туку и ќе создадеме дигитален екосистем кој ќе го подобри животот на секој наш граѓанин“, најави Андоновски.
Најавено е дека стратегијата ќе опфати широк спектар на области, од развој на дигитална инфраструктура и унапредување на дигиталните вештини на граѓаните, до модернизација на јавните услуги, иновации и поддршка на дигиталната трансформација на бизнисите.
Процесот на изработка на стратегијата е најавено дека ќе биде инклузивен и транспарентен, со активно вклучување на сите релевантни чинители, велат од Министерството.
„Во работата имаме инклузивен пристап. Затоа, ги повикуваме сите – од ИТ експертите до комори и заинтересирани граѓани – да се вклучат и да ги споделат своите идеи.“, додаде министерот.
Се очекува финалната верзија на Националната ИКТ Стратегија да биде предложена на Националниот Совет и Владата во наредните месеци, по што ќе следи нејзино усвојување и имплементација.
Неодамна Министерството за дигитална трансформација го започна процесот и за изработка на новата Национална стратегија за сајбер безбедност.
Започнува процесот за изработка на новата Национална стратегија за сајбер безбедност