Арно ќе го одбележи Светскиот ден на поправки, 18 октомври, со почеток од 11 часот и ќе го најави отворањето на првиот Центар за поправки кој ќе биде достапен за јавноста од јануари. Настанот, но и Центарот, ќе бидат на улица Ѓорѓи Сугаре 14 во Кисела Вода, веднаш до училиштето Невена Георгиева Дуња – Месна заедница 11 Октомври.
„Поправките играат важна улога во зачувувањето на ресурсите и намалувањето на отпадот, што придонесува кон заштита на животната средина и одржливост. Овој настан има за цел да ја подигне свеста и да ги поттикне граѓаните да станат дел од оваа значајна иницијатива“, велат од Арно.
На настанот Ирина Јаневска од Арно ќе зборува за важноста на Центарот за поправки, додека Антонио Даниловски ќе ги претстави активностите што ќе следат во Центарот, како и двата повика за јавноста – за мајстори и за донации на играчки. Исто така, градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, ќе ја истакне поддршката на општината за проектот.
„По прес-конференцијата, ќе следат работилници за поправки со средношколци од гимназијата ‘Георги Димитров’, кои ќе работат на реупотреба на производи и поправка на играчки. Поправените играчки ќе бидат донирани на деца од семејства со помалку можности“, информираат оттаму.
Оние кои ќе бидат на настанот ќе добијат и промотивни корисни подароци, во духот на иницијативата.