Интерактивна работилница за телефони на 22 октомври

„Дали сакате да го отклучите целиот потенцијал на камерата од вашиот мобилен?, прашуваат од Волонтерски центар Скопје (ВЦС), кои на 22 октомври (вторник) организираат интерактивна работилница со цел да ги зајакне знаењата и вештините за правење квалитетни фотографии преку паметните телефони.

„Без разлика дали сте почетник или имате одредено искуство, оваа работилница е направена да биде достапна, забавна и корисна за сите“, соопштуваат од ВЦС.

Од таму посочуваат дека во текот на работилницата, заинтересираните ќе научат основни техники за фотографирање, вклучувајќи композиција, осветлување и уредување, сето тоа специјално направено според можностите на телефонот на корисникот.

„Ќе истражувате различни видови на фотографија, како што се природата и улична фотографија, и ќе добиете практични совети за совладување на камерата на вашиот телефон. По завршетокот, ќе стекнете самодоверба да експериментирате со вашите новооткриени вештини и да снимате визуелно привлечни моменти кои раскажуваат приказни“, стои во повикот.

Местата за работилницата се ограничени, па заинтересираните за да учество треба да го пополнат пополнете го регистрацискиот формулар: https://forms.gle/aPjDPTSnh99byfab7

„Дојдете и погледнете го светот низ поинаков објектив!“, повикуваат од ВЦС.

Инаку, работилницата ќе започне во вторник од 16:30 часот во канцеларијата на Волонтерскиот центар Скопје, која се наоѓа на улица „Марко Цепенков“ 28б, Скопје.