Денеска, 18 октомври, за првпат во Македонија се одбележа Светскиот ден на поправки во просториите на идниот „Центар за поправки“ во Кисела Вода. На прес-конференцијата беа најавени повици за мајстори и граѓани со вештини за поправки и донација на оштетени играчки.
„Ми претставува голема чест што Кисела Вода е првата општина која заедно со здружението Арно за првпат во Македонија, го одбележува Светскиот ден на поправки. Oва е само почеток на една долгорочна заложба за екологија и солидарност“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој даде поддршка на иницијативата обезбедувајќи простор за идниот Центар.
Проектниот координатор од Арно, Антонио Даниловски, истакна дека акцентот оваа година е ставен на мапирање на мајстори и промоција на солидарност.
„Светскиот ден на поправки го одбележуваме под слоганот ‘Поправки за сите’. Арно е во потрага по луѓе кои имаат вештини за поправки на разни предмети, освен бела техника, или креативци кои можат да пренаменат стари предмети во нови– како креветчиња за миленици од гуми или лампи од отпад. За да осмислиме активности за центарот, потребни ни се граѓаните и медиумите. Исто така, ги повикуваме сите кои дома имаат оштетени играчки, на пример паднато окце на играчка слонче или скршено тркалце на количка, да ги донираат за поправка“, потенцира тој.
Во рамките на одбележувањето, беа одржани и две работилници со ученици од средното училиште „Ѓорѓи Димитров“, од паралелките за шумарско-дрвопреработувачка и хортикултурна струка. Под водство на инструктори, учениците поправаа дрвени играчки и изработуваа вазни од тегли, со цел промоција на култура на поправки.
„Денес го одбележуваме овој ден симболично, но веќе од следната година, планираме да го отвориме ‘Центарот за поправки’, каде покрај поправки и работилници, ќе организираме и pop-up настани. Планираме и мала концептуална продавница за производите на зелените и социјалните бизниси што ги поддржувме преку нашите програми. Секој главен град во светот има ваков простор, често и во форма на кафуле за поправки (Repair Café). Ние го видовме концептот пред седум години, преку Еразмус проект во Ријека, и веднаш знаевме дека ова е логичен продолжеток на она што го правиме во делот на зелено социјално претприемништво и циркуларна економија. Убедени сме дека ова е корисно и за животната средина, и за паричниците на граѓаните“, најави Ирина Јаневска, претседателката на Арно.