Потребно е волонтерството законски да се признае како работно искуство при вработување

Волонтирањето е клучен аспект на граѓанскиот ангажман во Македонија. Сепак, новата анализа на Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС) покажува дека само 34 од 200 млади (17 %) се целосно запознаени со законската регулатива околу волонтерството, a 11 % ja гледаат оваа регулатива дека ефективно го промовира и поддржува волонтирањето.

Дополнително, само 13% се на ставот дека граѓанскиот сектор нуди доволно решенија и можности за волонтерите, дури 64% рекле дека компаниите не го вреднуваат волонтерството, додека за 67 % од испитаните нема доволно достапни ресурси за ваквиот ангажман.

Оттука, ОДАС препорачуваат законски да се признае волонтерството како работно искуство при вработување, но и да се води поефиективна евиденција на волонтерството, волонтерите и понудувачите на можности за волонтирање.

„Да се продлабочи соработката меѓу универзитетите, компаниите и институциите за нудење на можности за ваков ангажман. Да се поттикне волонтерството меѓу студентите и средношколците со добивање на дополнителни поени при упис на факултет за волонтирање. Да се продолжи со ефективна реализација на постојната правна рамка за волонтерството“, се дел од предлозите на ОДАС.

Понатаму, бараат да се зголеми свеста на младите за волонтерското ангажирање и создавање на култура на промоција на волонтерскиот ангажман, како и да се развијат мерки за стимулирање и поддршка на волонтерството во сите општествени сегменти (граѓански организации, институции, образование и слично).

„РС Македонија да се придружи кон европски и светски иницијативи за поттикнување на волонтерскиот ангажман. Да се поттикне културата на волонтирање во образовниот систем. Да се унапредат капацитетите на институциите за работа со волонтери“, препорачуваат од ОДАС.

Токму целта на оваа анализа, посочуваат тие, преку ставовите и искуствата на младите волонтери, е да се постави основа за измена и подобрување на Законот за волонтерство.

„Со таа цел, ОДАС преку проект поддржан од Британската амбасада во Скопје и Фондацијата за демократија на Вестминстер, организираше фокус група, на која 15 млади директно дадоа свои препораки за волонтерството и правната рамка која го опфаќа. На фокус групата учествуваше и претставничка на Собранието, пратеничката Марија Петрушевска, која учествуваше во дискусијата за подобрување на Законот за волонтерство и даде свои идеи за следните чекори“, соопштија од ОДАС.

Бојан Шашевски
Инфографици: ОДАС