Сторијата со која се открија злоупотреби со терапиите на онколошките пациенти – „Скандал Онкологија“ – објавена во „Фокус“ под авторство на Ирена Мулачка, е добитничка на првата Награда на Европската Унија за истражувачко новинарство 2024.
Второто место припадна на Миомир Серафиновиќ и Снежана Лупевска Созен за сторијата „Семејно стебло Зајас, Соравиа, струја, дипломатија“ од емисијата КОД, ТВ Телма која открива фамилијарни врски и злоупотреби од високи функционери.
Трето место, пак, е за Александар Методијев и Сузана Мицева за сторијата „Кревките Шуми“ (Нота.мк) која истражува нелегална сеча на шуми и институционална негрижа за животната средина.
По доделувањето на наградите победниците имаа можност да одржат краток говор.
„Во целата приказна, вработените на онкологија се охрабрија да учествуваат во сторијата и да зборуваат за тоа што се случувало таму. Искрено се надевам дека малку од малку успеав оваа приказна да помогне на пациентите во Македонија и се надевам дека до крај на годината ќе има правна разврска. Благодарност до редакцијата Фокус, до жирито и до моето семејство“, рече Ирена Мулачка.
„Благодарност до жирито за наградата. Рекоа дека е храброст да се истражува и жирито ја препозна храброста да се истражува едно семејство кое до скоро беше во власта. Истражувачкото новинарство расте, многу ми е мило што ЕУ не се откажува од нас и ни дава поддршка“, посочи Миомир Серафиновиќ по примањето на наградата.
„Чест ми е што сум овде, што ова неверојатно патување кое го имавме со колегите, ја доби втората награда по она од СЕММ и УНЕСКО. Беше предизвик да се отиде на Јабланица, непокорот на локалното население заслужува признание затоа што нивното противење да се уништува шумата нѐ мотивираше да ја направиме сторијата“, рече Сузана Мицева.
На церемонијата на доделувањето на наградите, евроамбасадорот Михалис Рокас ја истакна посветеноста на Европската Унија во поддршката на независното новинарство и слободата на медиумите во регионот.
„Новинарството ни треба за да функционира демократијата. Професионалното новинарство ни помага да се справиме со многу предизвици. Социјалните мрежи лесно креираат јавно мислење. Она што е потребно е да се обидеме да асистираме на професијата, да не кажам, да ги достигне ЕУ стандардите, туку да се осигураме новинарите да можат да работат на истражувања. Ова е можност да се покаже импактот на истражувачкото новинарство кое креира општествени промени и средина во која граѓаните ќе просперираат“, рече амбасадорот Рокас.
Претседателот на жири-комисијата Валентин Нешовски даде увид во процесот на селектирање на пристигнатите апликации и темите кои биле истражувани.
„Мора да кажам иако ќе звучи како фраза – жирито имаше тешка работа. Не затоа што не уживавме во работата туку затоа што од вас добивме за анализа одлични новинарски трудови. Процедурата на жирирање вклучуваше поединечно бодување по сите овие критериуми, а потоа и состанок на кој се дебатираа резултатите. И тука мора да кажам се соочивме со тесни резултати. Поради, пак, ќе нагласам, квалитетот“, рече Нешовски.
Победниците на националниот конкурс за ЕУ наградата за истражувачко новинарство ќе имаат шанса да се натпреваруваат и за регионалниот конкурс на кој се наградуваат стории со регионално влијание од посебна жири-комисија. Победниците на регионалниот конкурс ќе бидат објавени во последната недела на октомври во Анкара, Турција.
Инаку, ЕУ наградата за истражувачко новинарство е координирана од Томсон медија, а во Македонија имплементирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) како дел од проектот „Зајакнување на квалитетот на вестите и независното новинарство на Западен Балкан и во Турција 2“.
Проектот е финансиран од Европската Унија, а спроведуван од конзорциумот составен од Балканската истражувачка репортерска мрежа – БИРН Хаб, Централно-европскиот Универзитет (ЦЕУ) – Унгарија, Асоцијацијата на новинари (АЈ) – Турција, Томсон Медија (ТМ) – Германија, Универзитетот Гоце Делчев Штип (УГД) – Северна Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) – Северна Македонија, Асоцијацијата на медиумите од југо-источна Европа (МАСЕ) – Црна Гора и Балканската истражувачка репортерска мрежа Косово (БИРН Косово).
Фото: ССНМ