Планинарскиот дом во Папрадиште, кој две децении беше дом на планинари, љубители на природата, разни гости, активисти, место за одмор, за уметнички резиденции и колонии, за преспивање, дружење и солидарност – од ноември престанува да работи.
За неговото затворање потврди планинарот, еко-активист и поранешен претседател на „Грин Пауер“, Игор Смилев.
„(Тоа е) она старо, ограбено, заборавено, уништено и повеќе од четири децении напуштено (од сите) поранешно училиште, кое во 2004 година со проект на Светска Банка и со несебично залагање на неколку вљубеници и ентизијасти во планината, блесна во прекрасен планинарски дом – кој низ децениите стана прибежиште на илјадници планинари од четири континенти. Тоа е тој планинарски дом кој на почетокот со лупа го бараа низ географските карти, за денес да стане поголем од најмоќното сочиво и без него е незамислива ниту една планинарска и топографска карта“, соопшти Смилев.
Тој нагласува дека после 20 години макотрпна работа, нивниот концесиски договор со Општината Чашка истекол.
„И покрај сите разумни обиди да продолжиме да ја раскажуваме една од најубавите автентични македонска приказни, Општина Чашка преку нејзиниот суверен – градоначалникот во заминување Горан Стојановски еднострано го раскина договорот и ни испорача опомена пред тужба пред општината да започне било каква нова процедура за идно концесионерство. Му се можеше – согласно Устав и закон нели, и согласно неговата позиција, сила и моќ која извира од многу мрачни одаи и сомнителни квази авторитети“, посочува Смилев.
Според него, ретко која убава приказна во Македонија доживеала среќен крај. Оти, вели тој, „душмански и злонамерно ја уништуваат оние погрешните на кои во континуитет им ја даваме моќта да одлучуваат за теми кои воопшто и не ги разбираат“.
„ЕГ ‘Грин пауер’ како досегашни концесионери и закоравени легалисти кои од мали нозе сонуваме за живот во праведно општество ревносно почитувајќи ги дури и лошите закони, нерадо го примаме овој неправеден закон кој со фаталните измени изгласани од Владата на Груевски во 2014 година, сите објекти во државна сопственост (вклучително и планинарсите домови) им ги пренесе во владение на Општините и на градоначалниците“, соопштува Смилев.
Тој посочува дека дошле до крајот на приказната за нивниот дом, коментирајќи дека опомената пред тужба е дојдена иако 20 години како за свој дом се грижеле за општинското добро. Сепак, не биле доволно вредни и достојни за да им дозволат да продолжат, или барем фер да се борат со сите институционални инструменти кои им се на располагање.
„Зошто не бевме вредни? Почнавме од нула следејќи ја глупаво и храбро сопсвената визија за развој на најголемиот планински масив во Македонија – Мокра. За 20 години исцицавме нула денари општински и државни пари! Ниту еден денар не е добиен од Општина Чашка за 20 години! Го создадовме најголемиот волонтерски потенцијал кој направи чуда на падините на Јакупица, Даутица, Голешница и Поречието. Го направивме најубавиот планинарски автопат од Папрадиште кон врв Даутица, кон село Белица Македонски Брод , И кон селата Нежилово и Ореше. Вложивме илјадници волонтерски часови со поставени над 130 ориентациони маркациски столбови , стотици флуоросцентни и саморефлекриачки патокази и маркации за ноќно движење, откривме два извори на вода, создадовме една планинарска трансверзала. Маркиравме над 50 км планинарски патеки, изградивме од сопствени средства канализација за селото Папрадиште и мини плоштад насред село. Ја востановивме во 2005 година и една од најстарите ликовни колонии ‘Папрадишки Мајстори’. Го (со)чувавме Папрадиште најдобро како што знаеме и умеме, иако многумина дојдоа и се обидоа да му ја ампутираат душата, крвотокот и белите дробови. Реонот На Даутица денес е еден од најбезбедните и најпосетени региони за планинарење низ која лесно и брзо преку планинарски патеки и трансверзали се стигнува до Скопска Караџица, Македонски Брод, Прилеп, Долнени. Оној кој барем еднаш престојувал во планина, знае каков животен благослов се маркирани патеки“, се вели во соопштението на Смилев.
Градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски, за СДК.мк изјави дека договорот завршил, а Советот на Општината ќе одлучи што понатаму со објектот.
„Минаа 20 години од договорот, заврши рокот за користење. За овој период, согласно договорот, корисникот за негово располагање не плаќаше ниту денар. И да сакам не можам да дозволам да се користи и натаму, бидејќи правам дело кое може да се санкционира. Советот може да реагира или друга институција. Затоа објектот прво ќе биде проценет, па Советот на Општина Чашка ќе одлучи дали ќе го даде на изнајмување или продажба. Кој сака потоа ќе може да конкурира на јавен повик за натамошно користење или купување“, рече Стојановски.
Бојан Шашевски