Четворица од вкупно 15 вработени во скопската ЗОО Скопје ќе бидат ставени под здравствен надзор, изјави директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, откако беше потврден случај на птичји грип кај угината гуска во Зоолошката градина.
Кај еден од вработените, кој пројавил симптоми на покачена температура и дијареја ќе биде извршено тестирање за присуство на птичји грип.
„Здравствен надзор согласно протоколите не подразбира карантин и изолација, туку медицинско следење во текот на следните две недели дали ќе пројават било каков симптом кој понатаму би требало да се испитува дали се работи за птичји грип. Вработените секојдневно ќе бидат контактирани од епидемиолози и ќе се следи нивната здравствена состојба“, изјави Андоновска, откако била извршена епидемиолошка анкета од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) кај вработените на Зоолошката.
Според Андоновска, едно од четирите лица што на 18 октомври имал симтоми со температура и дијареја, не значи дека има птичји грип. Воедно, таа вели дека нема опасност за посетителите во ЗОО Скопје доколку немале директен контакт со заболените птици.
„За да се пренесе птичји грип треба да има близок контакт со заболено или мртво животно или да има близок контакт со некој секрет, измет или слично од овие заболени или мртви животни“, објасни Андоновска.
Институтот за јавно здравје објави и посебни епидемиолошки информации и насоки поврзани со инфлуенца A(H5N1), еден од неколкуте вируси на грип кој предизвикува високо заразна респираторна болест кај птиците наречена авијарна инфлуенца – птичји грип.
„Речиси сите случаи на инфекција со вирусот A(H5N1) кај луѓето се поврзани со близок контакт со заразени живи или мртви птици или средини контаминирани со A(H5N1). Регистрирани се случаи на ширење од заразени цицачи и на луѓето. Иако можеби имало некои случаи кои не биле откриени, се чини дека вирусот не заразува лесно луѓе и/или не се шири од човек на човек, врз основа на сегашното знаење и разбирање на оваа болест. Забележани се мали групи со иста изложеност пред почетокот на болеста, но сепак не е идентификуван одржлив пренос од човек на човек. Хуманите случаи пријавиле директна изложеност на живина со навидум здрав изглед или болна живина пред почетокот на болеста“, информираа од ИЈЗ.
Од таму појаснуваат дека периодот на инкубација за инфекција со A(H5N1) се проценува дека е до седум дена, иако обично е два до пет дена по последната позната изложеност на болна или мртва живина.
„Сепак, периодот на инкубација може да трае и до 14 дена“, соопштија од ИЈЗ.
АХВ контра ЗОО Скопје: Зоолошката не постапи по закон
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска објави дека ЗОО Скопје, иако детектирало угинато животно на 14 октомври, не постапила по законски процедури каде се должни секој сомнеж на заразна болест задолжително да го пријават до надлежниот официјален ветеринар согласно Закон за ветеринарно здравство.
„Прекршувајќи ги законските обврски, самостојно доставиле примерок до Факултетот за ветеринарна медицина кој е примен на обработка на 15 октомври. На ден 18 октомври 2024 година за жал на сите нас е добиен наод со кој е потврден случај на присуство на вирусот на авијарна инфлуенца – птичји грип кај гуска“, соопштија оттаму, откако вчера Зоолошката ја обвини Агенцијата дека птици се убивани без налог и образложение, па најави и кривични пријави против директорот на АХВ, како и до инспекторите и лицата кои со оружје упаднале во ЗОО Скопје.
Од Агенцијата, пак, во своето писмено соопштение велат дека надлежниот официјален ветеринар од АХВ заедно со раководителот на Секторот за здравствена заштита и благосостојба на животните, овластен oд директорот Оливер Миланов, извршил вонреден инспекциски надзор во ЗОО Скопје.
„Притоа, во одгледувалиштето на ЗОО Скопје официјалниот ветеринар донесе забрана за влез на посетители, забрана на пристап до езерцето во кое била пронајдена угинатата птица со исклучок на тројца вработени кои со полна заштитна опрема вршеа убивање и манипулација со птиците. Земање, пакување и испраќање на примероци за лабораториски тестирања согласно дијагностичкиот протокол од Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста авијарна инфлуенца. Чистење и дезинфекција на просторот околу езерцето во која зона се движат овој вид на птици. Забрана за движење на живина и други птици во и од одгледувалиштето. Се задолжи надлежната ветеринарна служба задолжително да врши пријавување на промени на здравствената состојба на живината и дивите птици до надлежниот официјален ветеринар и примена на биосигурностните мерки при спроведување на сите активности“, соопштија од АХВ.
Истовремено, за да влезат во Зоолошката барале асистенција од полицијата.
„За жал побарана е асистенција поради присуство на лице кое се претставило дека е вработен во градската администрација и истото ја попречуваше работата на инспекциските служби и за кое дело МВР има записник. Но, мора да се заблагодариме на вработените лица во ЗОО Скопје кои несебично ни дадоа полна поддршка и земаа активно учество во спроведување на наредените мерки“, се вели во соопштението на АХВ
Тие веќе најавија дека Зоолошката во наредните три недели ќе биде под клуч, односно ќе биде затворена за посетители додека не се извршат мерки за дезинфекција, испитување на другите птици, како и зголемување на биосигурносните мерки, со цел да се сузбие болеста и спречи нејзино ширење надвор од градината.
Реакции од активисти
За случајот со Зоолошката досега се појавија разни реакции. Од „Анима мунди“ рекоа дека птичји грип не се превенира со кршење вратови, фрлање живи во канта и стрелање со пушки. Затоа повикаа на „итен прекин, разум и одговорност“.
„Иако во Македонија не е забележан ниту еден случај на птичји грип кај домашната живина и вирусот на птичји грип е речиси без никаква опасност по здравјето на луѓето, за само еден ден направен е масакар врз птици во ЗОО Скопје. Поточно, што е видливо и на грозоморните видеа, најсурово – со пушки, кршење вратови, фрлање живи во канти за ѓубре – се ликвидирани 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка, која била присутна на локацијата“, реагираа од „Анима мунди“, коментирајќи ги видеата што се проширија во јавноста од ЗОО Скопје.
Активистите побараа комплетна транспарентност, документи на увид, имиња и презимиња, евиденција за тоа кој констатирал и докажал птичји грип и најстрога одговорност доколку се докаже дека не се во право.
„Ние во ова не веруваме додека не се излезе јавно со сериозни докази, а и доколку е точно за овој терор оправдување нема. Доколку требаше да се преземат одредени мерки за спречување на евентуално ширење на птичјиот грип, тоа би можело да се реши со ставање под карантин на околината која е потенцијален ризик на изворот на вирусот. Несфатливо е, ако треба да се изврши евтаназија, живината претходно да не биде зашеметена со евтини гасовити анестетици како што е хлороформот, кој му е познат на секој ветеринар“, рекоа од „Анима мунди“.
Од иницијативата Зелен хуман град (ЗХГ) претходно реагираа дека животните во Зоолошка градина преживуваат во услови што не се здрави ниту за нив, ниту за луѓето, а особено не за децата кои секојдневно ги посетуваат.
„Состојбата со птичјиот грип само ја открива вистината што сите ние ја игнорираме – овие животни заслужуваат подобар живот“, забележаа од ЗХГ.
Затоа побараа Зоолошката да ги подобри основните услови за животните. Додека тоа не се случи, рекоа тие, ќе поднесат барање за мораториум до Советот на Град Скопје – да се стопира внесот на нови животни додека не се обезбедат минимални стандарди за нивна добросостојба.
„Ако навистина сакаме зоолошка со здрави животни и пријатни услови како во другите европски градови, треба да бидеме подготвени да инвестираме во неа“, потенцираа од Зелен хуман град.
Бојан Шашевски