Турскиот верски водач Фетула Ѓулен, за кого Анкара тврди дека го организирал неуспешниот пуч во 2016 година, почина во САД на 83-годишна возраст, објавија утрово турските медиуми и веб-страницата поврзана со Ѓулен, јавува Радио Слободна Европа.
Ѓулен изгради влијателно исламско движење во Турција и пошироко, но последните години ги помина обвинет за организирање на обидот за државен удар против турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган, што тој го негираше.
Веб-страницата Херкул која ги објавува предавањата на Ѓулен, на својот профил на Х објави дека Ѓулен починал во вчеравечер во болница каде што бил на лекување.
Ѓулен едно време беше сојузник на Ердоган, но двајцата потоа се разделија.
Ердоган го сметаше Ѓулен за одговорен за обидот за државен удар во 2016 година, во кој одметнати војници подигнаа воени авиони и хеликоптери и лансираа тенкови. Во обидот за преземање на власта загинаа близу 250 луѓе.
Ѓулен живееше во самонаметнат егзил во САД од 1999 година.
Според неговите следбеници, движењето на Ѓулен има за цел да шири умерен бренд на исламот кој промовира образование во западен стил, слободни пазари и меѓуверска комуникација.
По неуспешниот пуч, неговото движење систематски беше задушено во Турција, а неговото влијание се намали на меѓународно ниво.