Групна изложба насловена „Тука, но некаде другаде“ ќе се отвори на 24 октомври со почеток во 19 часот во мултимедијалниот центар „Мала станица“. Таа е (ко)родукција на непрофитната организација за промоција на женската активност „Тиииит! Инк.“ од Скопје и Галеријата „Шкуц“ од Љубљана.
„Изложбата ‘Тука, но некаде другаде’, ги истражува универзалните човечки искуства на мобилност, движење и припадност преку лични приказни. Прикажува дела на седум уметници чии практики комбинираат локални и регионални перспективи“, велат од „Тиииит! Инк.“.
Делата на Невена Алексовски, Елена Чемерска, Ивана Мирчевска, Ана Чворовиќ, Андреа Кнезовиќ, Илија Прокопиев и Ленка Ѓоројевиќ, како што велат организаторите, ги вткајуваат заедно динамиката на раселеноста, транснационалните идентитети, колективноста и променливото чувство на припадност на оние кои ги минуваат границите. Кураторка на изложбата е Јана Старделова.
„Нивните дела истражуваат интимни картографии на припадноста – без разлика дали е доброволна, присилна или замислена, низ времето. Замислено како долгорочна иницијатива, ‘Тука, но некаде другаде’ нè предизвикува да мислиме на луѓе наместо на географии, да ги замениме омразата и стравот со солидарноста. Наместо да има за цел да прикаже фиксна перспектива или да докаже нешто, таа го свртува погледот кон промената, како се стигнува до неа и како таа влијае на нас и нашите заедници“, додаваат оттаму.
Изложбата „Тука, но некаде другаде“ ќе биде отворена за посета до 4 ноември. Влезот е слободен.