Националното студентско тело и студентската правобранителка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) Савче Ѓошева поднесоа официјално барање до Министерството за образование и наука (МОН) за преразгледување на бројот на стипендии за студентите на втор и трет циклус (постдипломски) студии од општествените науки за академската 2024/2025 година. Годинава бројот на стипендии за ова научно подрачје се сведува на 4, наспроти минатогодишните 10.
„Оваа бројка е несразмерно помала во споредба со стипендиите за техничко-технолошките и природно-математичките науки, кои остануваат на високо ниво, иако минатата година биле пополнети само 24 од вкупно 40 предвидени стипендии за овие области. Со овој значителен пад на стипендиите за општествените науки, се ограничува можноста на студентите од оваа област да добијат неопходна финансиска поддршка за нивните студии“, истакнува Ѓошева.
Дополнително, како што наведува таа, во годинешниот конкурс за стипендии се вклучени и студентите на интегрираните студии (3+2 години), што само го зголемува бројот на потенцијални кандидати од општествените науки, а истовремено намалувајќи ги шансите за добивање стипендија на сите што ќе аплицираат.
Како решение, студентските претставници предлагаат да се разгледа можноста за прераспределба на непополнетите стипендии од другите научни области, со што би им се овозможило на студентите од општествените науки да ги искористат овие средства. Ова, според нив, би овозможило фер и правична распределба на стипендиите.
„Студентите очекуваат одговор од МОН, надевајќи се на позитивен исход кој ќе биде во интерес на сите студенти од втор и трет циклус на студии“, наведуваат тие.