Ентузијасти предводени од дел од членовите на Скопското астрономско друштво вчера се собраа на паркингот пред скопското Кале за групно набљудување на Кометата C/2023 A3 Tsuchinshan-ATLAS. Кометата уште се нарекува и „Комета на векот“ и месецов беше видлива на небото над Северната полутопка. Таа беше најблиску до земјата на 12 октомври, а оттогаш луѓе ширум светот се обидуваат да ја „фатат“ со голо око или со телескоп и двоглед.
Како и повеќето комети, C/2023 A3 (Tsuchinshan-ATLAS) се верува дека потекнува од Ортовиот облак, теоретизирана обвивка од ледени тела кои орбитираат на далечните надворешни рабови на Сончевиот систем. Како што пишува Space.com, иако претходно се проценуваше дека на кометата ѝ се потребни околу 80.000 години за да орбитира околу Сонцето, НАСА сега вели дека може целосно да го напушти Сончевиот систем.
Најголеми шанси да се види има доколку погледот го вперите југозападно над светлата Венера која од Земјата изгледа како огромна блескава ѕвезда, речиси неодминлива кога се гледа во небото. Телескопите и двогледите треба да се постават на повисока точка, како скопското Кале по зајдисонце, кога е најверојатно дека ќе може да се лоцира кометата.
Поведени од овој научен факт, луѓе на пракингот пред скопското кале почнаа да се собираат околу 19 часот, непосредно по спуштањето на последните зраци кога небото од тапо портокалово премина во сини-виолетови нијанси. За едно „нестручно“ око да може да ја види кометата е потребен што поголем мрак околу. Значи без светла од автомобили, блиц на телефони, а најмалку рефлектор од кафаната од спроти кој светеше директно во точката каде со ласер ја лоцираа положбата на кометата.
Но, иако не можеше да се најде начин да се исклучи натрапничкиот рефлектор, луѓето мирно стоеја во голема група чекајќи го својот момент со телескопот. Први на ред дојдоа најнетрпеливите – децата. Кратко потоа ги слушнавме првите коментари: „Видов нешто бело, тоа ли е?“, „Голема бела точка, но нема опашка“, „Ништо не се гледа“.
Од Друштвото астрономи ни објаснуваа дека пред да гледаме треба со едната дланка да си го покриеме окото, но да не го затвораме затоа што така автоматски си го намалуваме видното поле. Кога се навалувате да погледнете низ објективот треба да го фиксирате погледот и што помалку да мрдате со главата, зашто секое мрцкање ќе ја затемни сликата и не се гледа ништо, па мора отпочеток.
„Ние сега гледаме во комата, која е околу јадрото на кометата, не очекувајте да видите комета каква што гледате на фотографиите по интернет“, зборуваше човекот од Астрономското друштво.
Тој потсетуваше дека ѕвездите и кометите се разликуваат по тоа што првите се остри и јасни, додека кометите се замаглени, налик замаглени флеки. И така е, матна точка во голема црна површина. За разлика од ѕвездите кои со голо око ги гледаме како конкретни точки или Венера – голема топка која вообичаено свети многу силно. Некои велеа дека виделе опашка, некои дека виделе само глава од кометата, во главно, сите даваа лични интерпретации на она што го гледаа. Така ги охрабруваа останатите кои го чекаа својот ред и така сè додека и последниот не си ја „проба“ среќата да види низ објективот на телескопот.
Иако (веројатно) никој не го виде она што го очекуваше, уште помалку да направи фотографија од неверојатната комета, убаво беше што луѓе се собраа заедно да го прават ова. Се разменуваа мислења, некои кажуваа по некој нов факт, податок, други беа дојдени со двогледи кои кружеа наоколу и се вперуваа во небото кога ласерот покажуваше кон местото каде би требало да биде кометата.
Можеби во Скопје немавме среќа да ја фотографираме, но затоа кометата блеска на фотографиите од Охрид и Битола, кои може да ги погледнете во продолжение.
Ангела Бошкоска