Креации на 60 девојки и жени ќе бидат претставени утре во „Лабораториум“

Модната ревија на која работеа 60 девојки и жени од Македонија ќе се одржи утре, 25 октомври, со почеток во 21 часот во „Лабораториум“ како дел од Модниот викенд Скопје.

„Овој настан не е само модна ревија, тоа е прослава на традицијата, занаетчиството и зајакнувањето“, се вели во соопштението.

На модната ревија ќе бидат претставени креациите на 60 девојки и жени од Битола, Скопје, Куманово и Струмица, кои поминаа седуммесечна интензивна обука за шиење, плетење, везење и заживување на стариот македонски ткајачки занает.

„Под менторство на реномираната модна дизајнерка Ирина Тошева и локални експерти, овие жени создадоа прекрасни дизајни кои го одразуваат хармоничниот спој на традицијата и модерноста. Нивните креации ќе бидат моделирани од инспиративни личности од дипломатскиот кор и јавниот живот, солидарни со нашите талентирани дизајнери додека ги прават своите први чекори кон успешна кариера“, додаваат организаторите.

Модната ревија „Во ритамот на македонските традиционални занаети и креации“ се спроведува во рамки на проектот „Поттикнување на иновативноста и креативност на жените на пазарот“ поддржан од Амбасадата на Словенија, а имплементиран од Здружението „Добредојде“.