Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро го осудува, како што велат, вандалскиот чин на дрско опожарување на возилото на Благој Серсемов, уредникот на локалната телевизија и онлајн медиум М-нет од Штип.
Како што појаснуваат оттаму, инцидентот се случил во текот на изминатата ноќ во кој патничкото моторно возило на новинарот и уредник од штипската телевизија „М-нет“, било запалено од страна на непознати сторители во дворот на неговата семејна куќа.
„Со ова сторителите ризикувале да нанесат и поголема штета во смисла на изложување на потенцијален ризик по безбедноста на членовите на семејството на новинарот и на неговите соседи“, додаваат од ЗНМ.
Новинарот Серсемов за ова уништување на неговиот личен имот изјави дека ова го смета за директен удар врз сите медиуми, не само кон него лично.
„Дефинитивно е загрозена безбедноста и на членовите на моето семејство“, истакна тој.
Ваквиот чин на вандализам претставува сериозна закана за безбедноста на новинарите и медиумските работници, како и напад врз слободата на говорот и правото на јавноста да биде информирана, посочуваат од ЗНМ. Затоа, Здружението го повикува МВР веднаш да преземе мерки за целосно и брзо расветлување на случајот, идентификување и санкционирање на сторителите.
„Освен ова, колегата Серсемов има и правни притисоци оваа година и тој се соочува со неосновани тужби за клевета за што адвокатите на ЗНМ го застапуваат во Основниот суд во Штип“, забележуваат оттаму.
Заканите од ваков тип се неприфатливи во едно демократско општество кое тежнее кон заштита на медиумските права и безбедноста на сите новинари, смета ЗНМ.
„Овој напад не е само физички чин на уништување на имот, туку има за цел да ги замолчи новинарите и да го заплаши медиумскиот сектор во земјава во целост. За овој случај ЗНМ ќе ги извести меѓународните новинарски организации кои ги следат правата и медиумските слободи“, информираат од Здружението.