Националниот џез оркестар утревечер ќе го отвори Хрватскиот џез фестивал

Националниот џез оркестар (НЏО) заедно со солисти од регионот утре, 25 октомври, ќе го отвори есенското издание на фестивалот „JazzHR“ со почеток во 19 и 30 часот на сцената на клуб театар „Комедија-Контеса“ во Загреб.

„Голема чест и задоволство е да го отвориме Хрватскиот џез фестивал. Ветуваме уште еден незаборавен концерт со разновидна и богата програма. Се чувствуваме возбудени и мотивирани од атмосферата со која не’ дочекаа во Загреб“, вели Гоце Стевковски, директор на НЏО.

Националниот џез оркестар ќе настапи во состав: Трајче Велков, Сенад Усеин, Александар Златески, Јордан Колевски на труби, Сашко Николовски, Филип Богоевски, Енис Мехмедов, Никола Ристевски на тромбони, Борислав Веселинов, Славко Георгиев, Иван Иванов, Валентин Видовиќ на саксофони. Како дел од оркестарот на контрабас ќе настапи и џез уметникот Мартин Џаконовски Шпато.

Диригент на концертот е маестро Џијан Емин.

Од регионот солисти се Александра Бјелиќ – вокал, Марио Бочиќ – саксофон, Филип Булатовиќ – клавир, Томаж Гајшт – труба, Алба Нациновиќ – вокал и Јанко Новоселиќ – тапани.

„Покрај композициите од наведените солисти, ќе бидат изведени и по една композиција на нашите автори Гоце Стевковски, и Гордан Спасовски каде како солисти ќе се претстават Гордан Спасовски, Виктор Филипински, Зоран Костадиновски и саксофонистот Кирил Кузманов кој на годинешниот Скопскиот џез фестивал ја доби наградата за најдобар џез музичар“, информираат од НЏО.

Како што известуваат оттаму, хрватските медиуми го најавуваат почетокот на фестивалот како „извонредна можност да се слушне Националниот џез оркестар кој летово со своите настапи го разбрани хрватското крајбрежје“.

По концертот на овој фестивал, НЏО ќе настапи на Сараевскиот џез фестивал на 6 ноември, кој, како што информираат, веќе е распродаден.