Рударството е сектор со многу наталожени проблеми, како што се жешките еколошки точки кои се реална опасност, а државата мора да ги елиминира. Граѓаните се оние кои треба да одлучат дали сакаат или не сакаат рудник или било каква концесија во нивната околина. Оттука, знаејќи дека рударството и црпењето минерални суровини спаѓаат во загадувачки индустрии, треба да се отвори широка дискусија во општеството за стратешки планови за рудниците, каде ќе учествуваат еколозите и локалните жители, а државата да обезбеди здрав и квалитетен живот, како јавен интерес.
Ова произлезе од денешната средба на претставниците на 49 граѓански организации и институции од секторот животна средина со Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини. По средбата тие за Радио МОФ истакнаа дека се задоволни од приемот и од комплетната екипа водена од министерката, затоа што согледале многу заеднички точки и ставови.
„Нашето барање е да се стави ред во секторот рударство и да продолжи континуитетот на соработка, како учесници во изработката на Студијата за минерални суровини 2025-2045 година. Ни ветија дека ќе бидеме членови и дел од работните групи, дека ќе бидеме вклучени и во другите закони што се подготвуваат, односно Законот за енергетика и Законот за минерални суровини“, истакна Костадин Ристоманов од „Здрава котлина“.
Тие ја побарале студијата во чие изготвување учествуваа, но им одговориле дека се’ уште не е готова. Таа ќе излезе по законите чие подготвување, исто така, е во тек.
„Во однос на рударството имаме многу наталожени проблеми од минатото, почнувајќи од жешките еколошки точки меѓу кои има 3-4 рудници кои се во наследство од претходниот систем, а се’ уште се опасно жариште. Државата мора да ги елиминира како реална и потенцијална опасност во околината. Исто така, имаме дадени па одземени концесии, се вршат спорови и слично. Незавршените концесии се во смисла на добивање/недобивање дозвола“, потсетува Ристоманов.
Истовремено, посочи тој, сега се актуелни најавите на владата на нови рудници. Како што им објасниле на состанокот, Владата рекла дека всушност се работи за повторно активирање на некои стари рудници, за што граѓанските претставници не се среќни и задоволни.
„Треба да се соработува и јавноста да биде известена. Треба сите тие процеси транспарентно да се одвиваат, со цел јавноста да знае за што се работи, да не подлегнува на разни шпекулации и да се стави ред во таа област“, потенцира тој.
Гледа позитивен исход само доколку се на иста страна со надлежните и работат за доброто на народот, а, според него, така се претставиле и двете страни на состанокот. Очекува разбирање од другата страна, за да нема такви сцени како што беше случај во последните 7-8 години со толку штрајкови, протести и демонстрации против отворање на рудници.
„Се надевам дека грешките и недостатоците во законската регулатива ќе се исправат и ќе се воведе еден ред во тоа сегашните и идните концесионери да знаат кон што се стремат, а населението да биде одлучувачкиот фактор. Граѓаните да одлучат дали сакаат или не сакаат рудник или било каква концесија во нивната околина. Сега законот вели дека централната власт е таа која одлучува каде ќе има концесија со тоа што ќе го земе во обзир и мислењето на општината. Но, ние бараме населението да одлучува за тоа. Затоа што, населението ќе ги трпи последиците без разлика дали позитивни или негативни и тоа е најмеродавно“, кажа Ристоманов.
Затоа екологистите се на ставот, јавни расправи и референдуми да биде одлучувачки при носењето одлуки за издавање концесии.
Според него, треба се променат и она што ограничува во законите, како што е барањето 50% + 1 да излезат на референдум, затоа што „тоа денеска е невозможна мисија“.
„Ние за претседател не можеме да собереме толку луѓе, камо ли за ова. Треба да бидеме објективни, реални и да му дадеме шанса на народот на одлучува, затоа што таа власт треба, пред се’, да биде народот“, додава Ристоманов.
Оваа средба организациите здружено ја побараа пред десетина дена. Тие побараа да се гарантираат еколошките параметри во Предлог – Стратегијата за рударство 2025-2045, која се подготвува за усвојување. Рудници да нема во нивите, покрај водите и во заштитените подрачја. Исто така, Стратегијата да се усогласи со државните стратешки документи за животна средина, климатски промени, туризам, земјоделие и рурален развој, енергетика, врз база на кои, како што посочија, со децении се вложувало во инфраструктура, субвенции и бизниси. Генерално, тие рекоа дека се против „рударскоцентричен концепт“ и промоција на Македонија како „рударска земја“.
Ангела Петкова