Кинотеката ќе презентира проект за дигитална реставрација на македонскиот филм „Писмо“

Кинотеката на Македонија на 28 октомври (понеделник), во 12 часот ќе го презентира проектот за дигитална реставрација на филмот „Писмо“ од филмскиот и театарски режисер Васил Христов. Со ова Кинотеката ќе го одбележи 27 Октомври – Светскиот ден на аудиовизуелното наследство.

„А до крајот на октомври пак, во вечерните термини на филмската програма ќе бидат прикажувани наслови од македонската кинематографија кои годинава одбележуваат своевиден јубилеј“, информираат од Кинотеката.

Среднометражниот игран филм „Писмо“ е реализиран во 2000 година во холандска продукција. Благодарение на EYE-Filmmuseum, националниот филмски архив на Холандија, неодамна и Кинотеката на Македонија доби копија од филмот, бидејќи продуцентот, кој повеќе не е активен, целата своја филмска архива ја има депонирано во EYE.

На презентацијата во понеделник ќе говорат преставници од Управата за заштита на културно наследство, нода Кинотеката на Македонија и од инволвираните стручни лица во процесот на дигитална реставрација, а ќе биде присутен и режисерот на филмот.

Од 28 до 31 октомври, на репертоарот на кинотечното кино ќе се прикажуваат домашни филмски наслови како краткиот документарен „Дае“ (1979) на Столе Попов и играниот „Пред дождот“ (1994) на Милчо Манчевски, кои своевремено беа во трката за престижниот „Оскар“ како претставници на нашата кинематографија, а се закитија со подеднакво значајни награди и на други врвни светски фестивали – „Дае“ со „Гран при“ на МФФ во Оберхаузен, а „Пред дождот“ со „Златен лав“ на Венецискиот филмски фестивал. Потоа следи и партизанскиот трилер „Под исто небо“ (1964) на режисерската двојка Љубиша Георгиевски и Миомир Мики Стаменковиќ, па комитската драма „Нели ти реков“ (1984) на Стево Црвенковски, како и документарниот првенец „Оган“, повторно на Столе Попов, од 1974 година.

Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е востановен од УНЕСКО, а го одбележуваат сите светски филмски архиви, кинотеки, музеи, библиотеки и организации кои работат на полето на заштитата на аудиовизуелната граѓа, предводени од Координативниот совет на здруженија на аудиовизуелни архиви (CCAAA –Coordinating Council of Audiovisual Archives Associations). Со проекции, изложби, промоции, тркалезни маси, презентации и други настани и програми сите овие организации, тела и институции се обидуваат да го свртат вниманието кон неопходноста од заштита и сочувување на филмското наследство како дел од колективната културна меморија.