Вечерва (25 октомври) во Музејот на Град Скопје ќе биде отворена изложба на керамики од уметникот Филип Фидановски, насловена „Пикасо можеби јас 2“. На изложбата ќе бидат претставени 17 дела изработени во керамика, насликани со енгоба, глазура и 18 каратно злато за керамика и порцелан.
Како што е најавено, изложбата ќе ја отвори амбасадорот на Шпанија, Рафаел Соријано Ортиз.
„Нашата културна дипломатија се заснова на размена и дијалог, каде што промоцијата на нашите уметници е исто толку важна како и можноста за соработка која се движи во две насоки и за која оваа изложба е добар пример. Делото на нашиот брилијантен сликар Пикасо, инспирира творештво од нашиот македонски уметник кој на тој начин постигнува уметничко дело кое, во исто време, е македонско и шпанско. Накратко, отворена за светот бидејќи Уметноста со голема буква не познава граници“, напишал амбасадорот во каталогот за изложбата.
Според кураторот на изложбата, проф. Д-р Кирил Пенушлиски, „Пикасо, можеби јас 2“ покажува дека уметноста е бесконечен процес на истражување и реинтерпретација, и дека наследството на Пикасо продолжува да биде важен дел од општата уметничка приказна.
„Скулптурите на Фидановски нудат еден нов објектив преку кој се гледа делото на големиот мајстор, поттикнувајќи дискусии за еволуцијата на уметничкото изразување и реинтерпретација на историските наративи. Тие служат како мост помеѓу минатото и сегашноста, потсетувајќи не на трајното влијание на визијата на Пикасо“, заклучува Пенушлиски во текстот во каталогот.
Изложбата е под покровителство на Амбасадата на Кралството Шпанија, финансиски подржана од Министерството за култура и туризам и спонзорирана од НЛБ Банка, Дајнерс клуб – Македонија, Тиквеш, Скопска Пивара, Мартема, Метеор фото студио, Виталија и Торакс.
Повеќе детали за авторот може да најдете ТУКА.
Повеќе детали за изложбата може да најдете ТУКА.