Димитар Бежановски создаде веб-сајт за станови во Скопје: Сакам луѓето да не купуваат по најскапи цени

Скопје постојано се гради. Нови згради никнуваат таму каде претходно имало паркови или заменуваат некогашни куќи со што наместо една се вселуваат десет фамилии. Цените на станови се во постојан пораст, а веројатно во моментов бележат највисока сума по метар квадратен. Во меѓувреме, луѓе купуваат станови во главниот град, планираат или зборуваат каде и по која цена да си го купат новиот дом.

Од многуте огласи по интернет или информации кои шетаат од човек на човек се креира мешаница во која не е едноставно да се разбере кога е погодното време да се купи стан и по која цена. Поттикнат од оваа причина, младиот програмер Димитар Бежановски од Битола, кој и самиот се интересирал да купи стан ја креира веб платформата cenakvadrat.com (Цени на станови во Скопје).

Веб-страницата денес нуди визуелен приказ на цени на станови во скопските општини кои се „апдејтираат“ во реално време или, како што вели Бежановски, на секој час.

Принтскрин од платформата

„Бараше доста работа да се добијат релевантни и точни податоци. Бидејќи многу од огласите се или празни или со невалидни податоци, па треба доста труд за на крајот да ги изберам само тие што се со валидни податоци“, вели тој за Радио МОФ.

На насловната страница на платформата е претставен графикон кој ги анализира цените на станови на метар квадратен по општини, а прикажан е уште еден со бројот на огласи во различните општини. Платформата нуди и приказ за тоа како се движат цените за изнајмување на различни локации во главниот град и каде има најмногу, односно најмалку станови за изнајмување по огласи.

Податоците засега ги црпи од Реклама5 и Пазар3, а за понатака планира соработка со уште платформи кои објавуваат огласи за продажба и изнајмување на станови. Примарниот фокус засега остануваат цените во реално време.

Принтскрин од платформата

„Во Скопје е главниот проблем зашто цените овде се највисоки. Целта ми беше за луѓето кога ќе купуваат стан да го изберат точниот тајминг и да не го купуваат по најскапа можна цена. Има доста варијации, но мислам дека се прилично кренати. Мислам дека се највисоки досега. Но, сепак се гледаат некои интересни трендови и на пример, летно време беа паднати малку и како што гледам има некој период каде што има благ падеж на цените. Тоа може доста луѓе да го искористат во нивна полза, да го тајмираат тој момент. И да си земат стан по баш поволна цена“, посочува програмерот.

На платформата има калкулатор и проценител каде може да се внесат параметри како цена на стан, почетна каматна стапка, а калкулаторот потоа пресметува колкава камата би требало да се плаќа според внесените податоци. Исто така, ги има најновите информации за кредити и каматни стапки кои директно влијаат на месечните рати и вкупниот трошок на кредитот.

Принтскрин од платформата

Бежановски вели дека ги контактираат заинтересирани граѓани од студенти до луѓе кои сакаат да си купат стан. Платформата се промовира на социјалната мрежа ЛинкдИн (LinkedIn) по што досега бележат 10.000 активни корисници кои ја посетуваат страницата.

„Планот во иднина ми е да го проширам и во сите други градови во Македонија каде што има достапни податоци“, вели младиот програмер.

Дотогаш сите заинтересирани за повеќе информации кои можеби ги нема на страницата или за дополнителни прашања, вели дека може да го контактираат на ЛинкдИн профилот Dimitar Bezhanovski.

Ангела Бошкоска