[Интервју] Ана Јакимска: Ме фасцинираше животната приказна на Фифи

Би се викал Барбара“ е краток документарен филм за трансородовата пејачка Фифи во режија на Ана Јакимска (1988) која е магистрант на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на катедрата за филмска и ТВ режија. Во интервју за Радио МОФ, Јакимска говори за филмот кој предизвика различни реакции во јавноста, сексуалноста како тема во нејзината работа и предизвиците на балканската реалност.

[Интервју] Ана Јакимска: Ме фасцинираше животната приказна на Фифи

„Би се викал Барбара“ е краток документарен филм во ваша режија кој се занимава со двете најголеми желби на 22-годишната Фифи која сака да стане девојка, а потоа и популарна пејачка. Како настана идејата за снимањето на филмот?

Во периодот кога ја запознав Фифи работев на една друга тема за документарен филм, но темата не ми беше многу блиска и се чувствував креативно неисполнето. Уште од првиот разговор со Фифи знаев дека морам да снимам филм за неа. Ме фасцинираше нејзината животна приказна и страста што ја носи во себе. Престанав со сите други тековни обврски и неколку месеци ѝ се посветив само нејзе и на филмот.

Филмот е снимен на повеќе локации низ Скопје. Какви беа реакциите на граѓаните со оглед на тоа дека се работи за една табу тема во нашето општество?

Вкупното снимање на филмот траеше околу три месеци, така што во тој период често се случуваше некој да ме праша зошто сум одбрала таква тема, зошто сакам да го отсликам на филм животот на една трансродова девојка, итн. Сѐ уште не знам како да одговорам на овие прашања, зашто мислам дека фокусот на филмот не е само во ЛГБТ проблематиката. Фифи е пред сѐ девојка со силни соништа, и тоа е она што мене ме вовлече во нејзиниот свет. Нејзиниот родов идентитет е само еден дел од нејзината биографија.

Во Македонија е исклучително тешко да се најде соговорник од ЛГБТИ заедницата кој отворено ќе говори за проблемите со кои се соочува. Вие немавте таков проблем со Фифи, но сепак, дали сметате дека успеавте да допрете до неа?

Работата на документарец е многу поразлична од таа на игран филм. Кога се снима игран филм генерално секој од екипата знае што му е задачата и се обидува да ја заврши најдобро што може во рамки на дадениот временски рок. Снимањето на документарниот филм, од друга страна, трае подолго, нема фиктивна нарација, никој не глуми… на кратко, режисерот и екипата ја споделуваат реалноста на протагонистот што го следат. Процесот на изработка на документарен филм е долг и макотрпен, а во целиот тој процес, според мене, најважно е при раскажувањето на приказната да не се заборави на етиката. Инсистирав на тоа приказната да биде искрена, интимна и автентична, но да не боли.

Ова е ваш прв краток документарен филм. Како вие го доживеавте снимањето на филмот и како влијаеше целиот креативен процес на вас?

Како режисер добив многу од овој процес, така што работата на овој документарец за мене е важно искуство. Пред сѐ, научив да имам трпение и да ги чекам вистинските моменти за снимање, да не ја форсирам приказната, да набљудувам и постојано да мислам на тоа што го работам во моментот. Работата на документарниот филм подразбира и поголема флексибилност, што сега многу ми користи во подготовките за краткиот игран филм.

Кои се идните планови на Ана Јакимска, дали и понатаму инспирацијата ќе ја барате во предизвиците на балканската реалност?

Новиот филм е во фаза на предпродукција. Станува збор за краток игран филм во кој повторно ја допирам темата на сексуалноста, но сега од сосема друг аспект. Сценариото за овој филм, инаку, е базирано на вистинска приказна што ја прочитав во весник пред отприлика година дена и ми остави силен впечаток. Приказната е бизарна, скандалозна, но во исто време и многу блиска до секој од нас. Во тоа е предизвикот. Да, генерално ме инспирираат луѓето околу мене, нивните животи, разговорите на соседната маса во ресторан, содржината на туѓите корпи во маркетите, итн. Многу сакам да ѕиркам во туѓите животи.

К.О.