Кинеската вселенска и воздухопловна компанија објави билети за вселенска туристичка експедиција планирана за 2027 година, пишува „Анадолу“.
Локалните медиуми објавија дека на веб-страницата Таобао за е-трговија биле продадени два билети по цена од 1,5 милиони јуани (195.000 евра).
Компанијата наречена „Deep Blue Aerospace“, со седиште во кинеската провинција Џиангсу, стана првата кинеска компанија којашто продаде билет за туристичка вселенска експедиција.
Компанијата претходно соопшти дека има за цел да лансира суборбитална ракетна експедиција во 2027 година и ветува дека на патниците ќе им овозможи да доживеат бестежинска состојба носејќи ги надвор од атмосферата, во вселената, на најмалку пет минути во текот на експедицијата, која според планот би требало да трае вкупно 12 минути.
Фактот дека суборбиталната експедиција ќе биде изведена со ракета, а не со специјално вселенско летало, ќе бара од компанијата да изврши многу тестови за летање без екипаж во следните две години.
Со помош на ракетната технологија за повеќекратна употреба, се предвидува дека патувањето во вселената на тој начин ќе биде многу поевтино во иднина.