„Убиј ги прво децата“ и надреалистичен филм во ноемвриската програма на Кинотека

Ноемвриската програма на Кинотека на Македонија 2024 година е вистински културен мозаик, збогатен со уникатни филмски искуства и интригантни дискусии.

Кинотеката на Македонија овој ноември ќе понуди јапонски и шпански филмови, проекции на „Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец, и класичниот италијански филм „Крадци на велосипеди“ на Виторио Де Сика како и тематска вечер вечер под наслов „Надреализмот не е мртов“, посветена на надреалистичкото филмско наследство.

Циклусот на јапонски филмови ја истражува уникатната визуелна и наративна филозофија на јапонскиот филм, каде што темите на чест, љубов, и традиција се интерпретираат на стилски и внатрешно богати начини. Покрај познатите и очекувани самурајски приказни, публиката ќе има шанса да доживее и поинтимни, драмски ориентирани филмови, каде човечките врски се во фокусот.

Шпанскиот циклус е исполнет со интензивни и полни со страсти филмски дела кои се движат од класиката до модерниот авторски филм. Селекцијата вклучува дела од режисери како Алехандро Аменабар и Карлос Саура, кои ја претставуваат енергијата на шпанската кинематографија преку уникатни естетски пристапи и социјални прашања. Гледачите ќе можат да навлезат во темите на идентитет, љубов, и традиција кои ја карактеризираат шпанската кинематографија, со посебен фокус на психолошките и емоционалните длабочини на ликoвите.

Покрај интернационалните циклуси, Кинотеката оваа есен ќе ја прикаже и македонската продукција „Убиј ги прво децата“, на Димитар Оровчанец.

„Овој филм, го носи македонското кино на едно сосема ново ниво на експресивност. Сцените исполнети со суровост, црн хумор и социјални коментари даваат остра критика на современите општествени случувања и го отвораат прашањето за моралноста и насилството како средство за преживување“, се вели во најавата на Кинотека.

„Крадци на велосипеди“, антологискиот италијански филм на Виторио Де Сика, претставува врв на неореалистичкиот стил со својата моќна приказна за сиромаштијата и семејната борба во повоена Италија. Ова класично дело е едноставно, емотивно и длабоко човеково искуство кое ја истражува социјалната неправда и човечката борба за опстанок. Со овој филм Кинотеката одбележува 50 години од смртта на Виторио Де Сика.

Посебната вечер посветена на надреализмот ќе вклучува проекции на антологиски надреалистички филмови и панел-дискусија на оваа тема.

„Оваа програма има за цел да го врати вниманието кон магијата и визијата на надреализмот, истражувајќи го преку класични дела како оние на Луис Буњуел и Салвадор Дали, кои ги поместуваат границите на реалноста и ги истражуваат подсвесните аспекти на човековото искуство. Публиката ќе може не само да ги погледне овие необични филмови, туку и да учествува во дискусија со што ќе се разгледа и дообјасни значењето и влијанието на надреализмот во современата култура“, велат од Кинотеката.

Селектор на програмата: Бојан Станишиќ, Уредник на филмската програма при Кинотека.