Самостојната изложба на Оливер Мусовиќ насловена „Understory“ ќе се отвори на 30 октомври во уличната галерија „Neunkubikmeter” (деветкубниметри) во баварскиот град Регенсбург.
„Оливер Мусовиќ на изложбата преставува фотографија во голем формат од серијата ‘Обраснато’ (Overgrown) на која работи во континуитет од 2023 година на повеќе локации во Европа и Азија. Проектот ја документира спонтаната реколонизација на напуштените урбани простори од страна на природата – концепт познат како ‘трет пејзаж’, формулиран од градинарот, пејсажниот архитект и еколошки теоретичар Жил Клеман“, се вели во соопштението.
Додека пак, „Understory“ е шумарски термин кој на македонски се преведува како долен слој – слојот на вегетација под крошните на дрвјата, над почвата. Изложбата ќе биде отворена до 25 ноември.
„Во овие неуправувани простори флората слободно воспоставува нови екосистеми, нудејќи моќен коментар за урбаното распаѓање и еколошката отпорност. Уметникот повлекува паралелни врски со концептот на ‘мека апокалипса’, каде општествената промена се случува постепено наместо катастрофално, сугерирајќи визија на надеж (соларпанк) во која регенеративната моќ на природата ги трансформира нашите урбани пејзажи“, стои таму.
Низ оваа призма, како што се појаснува во соопштението, она што вообичаено се гледа како урбано пропаѓање е преформулирано како позитивен процес на еколошка обнова, предизвикувајќи ги гледачите да го преиспитаат својот однос кон управуваните и неуправуваните урбани простори.
Инаку, Оливер Мусовиќ досега самостојно изложувал во Македонија, швајцарија, Словенија, Србија, Австралија, Црна Гора и Австрија, но учествувал и на бројни групни изложби. Неговите дела се застапени во повеќе јавни колекции како Фондацијата за фотографија, Модена; nbk, Берлин; Народен музеј на Црна Гора, Цетиње; MSUM+ Музеј на современа уметност Метелкова, Љубљана; Музеј на современата уметност, Скопје. Исто така, тие се публикувани во повеќе публикации.