Повеќе од 19 илјади граѓани вакцинирани за сезонски грип, над 61 илјада се пријавени досега

Министерството за здравство информира дека за вакцинација против сезонски грип досега се пријавени над 61 илјада граѓани, додека во пунктовите за вакцинација веќе се вакцинирани над 19 илјади.

Како што велат од Министерството, овие бројки го покажуваат големиот интерес на граѓаните да се заштитат од компликации од сезонскиот грип.

Дополнително, оттаму известуваат дека почнувајќи од денес, мобилните тимови од здравствените установи ќе спроведуваат вакцинација во домовите за стари лица.

„Вакцинацијата против сезонски грип претставува најефикасна мерка за превенција од грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход, особено кај ризичните групи“, истакнуваат од Министерството за здравство.

За потсетување, пријавувањето се врши со пополнување на апликацијата „vakcinacija.mk“ и со тоа директно се регистрирате за вакцинација во системот „Мој Термин“.

„Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, преку смс порака граѓаните добиваат повратна информација за точниот датум, час и место кога треба да се вакцинираат“, велат оттаму.

Со бесплатна вакцинација се опфатени ризичните групи население, како што се повозрасни лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица.