Две победнички решенија за прочистување на воздухот на хакатонот Climathon Скопје 2024

На 25. и 26. октомври се одржа хакатонот Climathon Скопје 2024 на кој учествуваа 10 тимови кои работеа на развивање решенија за еколошки предизвици специфични за Скопјe, како загадување на воздухот, енергетска ефикасност, управување со отпадот и сл. Тимовите ги водеа стручни ментори, а идеите ги претставија пред комисија. 

Оваа година имаше две победнички решенија кои го поделија првото место. Tимовите „My Terrarium“ од Машинскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, и тимот „Carbo Nova Tech“ од средното училиште „Методи Митевски Брицо“ од Делчево ќе ја поделат наградата од 6.000 евра обезбедена од Шпаркасе Банка за развој на нивните решенија за прочистување на воздухот.

„Темата на натпреварот беше да се најде решение за подобрување на квалитетот на воздухот, па главната цел на нашиот производ е токму таа. Нашиот производ е терариум кој истовремено фунцкионира како прочистувач на воздух. Исто така, производот овозможува и заштеда на електрична енергија која ја трошат класичните прочистувачи на воздух“, изјави преставник од тимот „My Terrarium“.

 Производот на тимот „Carbo Nova Tech“ се состои од два дела: првиот е „скрабер“, односно собирач на јаглеродниот диоксид од воздухот, кој потоа се пренесува до градина од алги кои се термички затворени и со чија помош овој СО2 се претвора во елементарен кислород.

„Со наградата планираме да го составиме, тестираме и усовршиме овој производ, со цел што подобро да функционира, како и да го пласираме на пазарот“, велат тие, дополнувајќи: „На сите би им препорачале да учествуваат на ваков настан, бидејќи искуството останува засекогаш, и затоа вреди да се аплицира“. 

Второто место го освои тимот „Savonum“ од средното училиште „Георги Димитров“ од Скопје, со изработка на еколошки сапун од талог од кафе. Третото место изостана, бидејќи првото беше доделено на два тима. Трите победнички решенија добија шестмесечна поддршка од CEED Hub Skopje за комерцијализација на нивните идеи, која вклучува менторство, пристап до стартап мрежата во државата и можности за дополнителни финансии, професионални совети, обуки, консултантски услуги и техничко надградување. Дополнително, сите три тимови ќе добијат поддршка за медиумска промоција преку мрежата на CEED Hub Skopje. 

Climathon е глобална иницијатива на EIT Climate-KIC, водечка европска агенција и заедница за климатски иновации, која обединува 60-тина градови кои бараат решение за клучните климатски предизвици ширум светот.

 Ова иницијатива е организирана во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана од американската непрофитна организација Унапредување на економиите за посилни заедници (IESC), во партнерство со Центарот за развој на менаџери и претприемачи (CEED Hub) Скопје и Младински образовен форум.