Почна изградбата на автопатот од Гостивар до Букојчани и Кичево. Министерот за транспорт и врски Александар Николоски истакна дека ова е најтешкиот дел од она што треба да е автопат Скопје – Кичево – Струга – Охрид. Делницата е дел од Паневропскиот коридор 8
„Првпат по 50 години почнуваат реални работи за изградба на овој автопат којшто ќе значи дека помеѓу главниот град на нашата држава и Охрид и Струга ќе се патува за некаде час и дваесет минути, час и половина. Целосно ќе го промени ова функционирање на економијата, но исто така ќе го промени и туризмот, а ќе се забрза и економскиот раст. Ова ќе значи голема поврзаност за сите“, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Николоски.
Во однос на тоа каде ќе поминува трасата, Николоски истакна дека од третата патарина, патот продолжува до Гостивар или четвртата патарина, а таму, како што рече, има комплетно ново решение од двете страни по три ленти, односно вкупно шест ленти и плус помошен пат.
Оттаму се заобиколува Гостивар, се движи над реката Вардар, оди на три големи мостови кои одат лево од Стража, се заобиколува Стража, потоа патот оди по планината и излегува од другата страна кај местото Букојчани.
Од Букојчани над Кичево, Јавно претпријатие за државни патишта веќе е во претселекција за избор на изведувач за новиот автопат, рече Николоски и додаде дека понатаму од над Кичево до Охрид веќе е автопатот кој се гради.