„Македонски космонаути на врвот на Сончевиот систем“.
Оваа „сензационална вест“ деновиве се врти по реклами, билборди, по фасади на згради, а намерно „боде очи“ за да ги најави годинешните „Деновите на медиумска писменост 2024“ (ДМП), кои од денеска 28 октомври до 4 ноември ќе отворат прашања за вештачката интелигенција, дезинформациите, дигиталниот живот, но и важноста и интегритетот на новинарите во одбраната на јавниот интерес.
ДМП се организираат од Мрежата за медиумска писменост, чии членови-организации и институции следните денови ќе прават работилници, панели, дискусии, вебинари… На отворањето на ДМП, членките истакнаа дека е нужно да се зборува на темата, но и да се вклучуваат концептите на медиумска и информациска писменост како во формалното образование, така и во секојдневието.
„Сметаме дека е особено важно да ги изложиме децата на медиумската писменост уште од најрана возраст. Од 2021 година, заедно со Министерството за образование и Бирото за развој на образование, успеавме да ја вклучиме медиумската писменост во наставните програми од 1 до 9 одделение. Важна е институционалната поддршка, важен е системски пристап за вклучување и на различни возрасни групи, различна публика“, посочи Весна Никодиновска од Македонскиот институт за медиуми.
На нејзе се надоврза Ристо Савески од Младинскиот образовен форум (МОФ), кој кажа дека тие годинава даваат фокус на младите, но и на лицата со попреченост.
„Работиме за едукација за критичко размислување и создаваме простор каде младите ќе можат слободно да се изразуваат“, потецираше Савески.
Моника Аксантиевска од Институтот за комуникациски студии (ИКС) рече дека активно работат на поинформирано и покритичко општество, кое ќе може да одговори на предизвиците на модерното време.
„Затоа работимe на едукација од најмлади до најстари, како да препознаат дезинформации, како одговорно да креираат содржини“, нагласи Аксантиевска.
За потребите на дигиталното време зборуваше и Филип Стојановски од Метаморфозис, кој кажа дека медиумската писменост е најсилното оружје за градење отпор кон штетните влијанија на дезинформациите, но и на унапредување на демократијата во целина.
„Медиумската писменост е неодминлив фактор во воведувањето на нашата земја во модерното време, заедно во синергија со унапредување на правата и слободите на граѓаните, особено слободата на изразување, медиумските слободи, како и дигиталната писменост, дигиталната хигиена, заштитата од хибридни и сајбер напади и слично“, рече Стојановски, додавајќи дека справувањето со штетни влијанија од оваа година е дел и од поглавјето 23 на Европската унија.
Според Леонора Калиќи од Советот за етика во медиумите во Македонија, иницијативи како Деновите на медиумска писменост не се само иницијативи за да се разбере етичноста и одговорноста во медиумите, туку и да се разликуваат факти од измислици.
„Притоа треба да се гради медиумски пејсаж заснован на вистина и интегритет“, рече Калиќи.
Инаку, Деновите на медиумска писменост стартуваа денеска со конференцијата „Политики за медиумска писменост во ерата на вештачката интелигенција“. Целата програма може да ја видите подолу:
Бојан Шашевски