Израел ја забрани работата на агенцијата на ОН која им помага на Палестинците

Израелскиот парламент усвои закон со кој на најважната агенција на Обединетите нации која им помага на Палестинците (УНРВА) ѝ се забранува работа во Израел, пренесува Н1. Предлог-законот беше усвоен со 92 гласа „за“ и 10 „против“.

Усвојувањето на законот сериозно ќе ја ограничи можноста на Обединетите нации да пружат помош за палестинските бегалци на териториите окупирани од Израел, а членовите на Кнесетот ги отфрлија повиците на меѓународната заедница да се откаже од законот.

Законот формално не ѝ забранува на агенцијата на ОН да работи на територии окупирани од Израел, како Газа и Западниот Брег, но значително ја намалува нејзината способност да одговори на трагични настани во тие области.

Гласањето во Кнесетот се одржа и покрај меѓународниот притисок од САД и другите западни земји. Министрите за надворешни работи на Канада, Австралија, Франција, Германија, Јапонија, Јужна Кореја и Велика Британија во заедничка изјава го повикаа Израел да се откаже од усвојувањето на законот, изразувајќи „сериозна загриженост“ поради трагичната хуманитарна ситуација во Газа.

УНРВА обезбедува суштинска хуманитарна помош и основни услуги за спасување животи за палестинските бегалци во Газа, Источен Ерусалим и Западниот Брег.

Обезбедувањето на таква помош, која вклучува образование, здравствена заштита и дистрибуција на гориво во Газа и на Западниот Брег, би било сериозно попречено, ако не и невозможно, особено во северниот дел на Газа, и би имало катастрофални последици за и онака критичната хуманитарна ситуација, која е од ден на ден се влошува, се вели во соопштението.