Потребна е дигитална пристапност на сите медиуми за лицата со сетилна попреченост да можат да се информираат

Која е состојбата на лицата со попреченост во однос на медиумската писменост и како лажните вести и дезинформации влијаат на нив, како младите гледаат на медиумската писменост и ширењето на дезинформации и која е улогата на неформалното образование во промоцијата на медиумската писменост и борбата против дезинформациите.

Ова беа некои од главните прашања на денешната панел дискусијата за медиумска писменост кај младите која се одржа во Собранието, во организација на Младинскиот образовен форум, во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, а во соработка со Клубот за младински прашања и политики во Собранието.

Темата медиумска писменост е многу важна, а живееме во свет без информации, рече претседателот на младинското здружение на глуви и наглуви „Млад знак“ Стефан Ѓиков, кој додаде дека на дневна основа информациите за нив се ограничени.

„И како би можел да бидам активен учесник на ваква тема која зборува за селекција на информации – точни или неточни. Кога би имало повеќе информации кои ќе допираат до нас – гледалиштето со оштетен слух и говор, кои ќе бидат интересни и ќе не’ предизвикуваат да размислуваме критички, тогаш ќе имате писмени граѓани со оштетен слух или вид“, рече Ѓиков.

фото: Собрание

Според претставникот на Националниот сојуз на слепи Кристијан Лазарев, правилникот од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) со кој националните медиуми се задолжуваат да почнат да ги приспособуваат медиумските содржини за лицата со сетилна попреченост е добра основа, меѓутоа, како што рече, мора заеднички да се унапреди неговата имплементација.

„И да ја надоградуваме со нови правилници што ќе ги опфатат и социјалните медиуми и порталите, затоа што знаеме дека денес конференциите и на сите политичари и на Собранието, прво одат на Фејсбук, на Јутуб канали, па дури потоа, еден ден или неколку часа подоцна стигаат до традиционалните медиуми. Така што, мора да работиме на дигиталната пристапност на сите нивоа во медиумите, за да може овие лица да се информираат“, рече Лазарев.

За нив, како лица со сетилна попреченост Лазарев рече дека клучен проблем е формата на информацијата.

„Така што, оваа форма мора да се обезбеди во онаков формат каков што за нас е пристапен. Имаме и лица со интелектуална попреченост за кои е потребна измена малку и на содржината, значи таа да биде поедноставена, визуелизирана за да може да ја разберат и би сакал во иднина и за нив да се обрне внимание“, порача Лазарев.

фото: Собрание

Марина Трајкова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) од одделението за човекови права и медиумска писменост исто така се осврна на Правилникот, според кој, како што рече, во првата година од донесувањето националните медиуми треба да приспособат една програма, со титлување и знаковен јазик.

„И секоја наредна година да се приспособува нова и нова содржина за да имаме едно кумулативно дејство, за се повеќе и повеќе да се зголемуваат тие содржини кои што се приспособени на лицата со сетилна попреченост. Мислам дека тоа е важно да го знаеме сите, затоа што треба да биде транспарентно и сите заедно да го бараме тоа од медиумите кои што служат за нас и за нашето информирање и забава“, рече Трајкова.

Истовремено, таа го поздрави и се` почестото користење на знаковниот јазик на настаните и конференциите.

Во меѓувреме, Ина Џугунманова од Фондација за демократија на Вестминстер (ВФД) се осврна на нивното последно истражување за социо-политичко учество на млади кое покажува дека младите се позадоволни од своето место во општеството кога се активни.

Оние кои што се активни граѓани, како што рече Џугунманова, се и оние кои што почесто ги следат социо-политичките случувања во државата и се информираат.

„Па оттука би кажала дека медиумската писменост не е само разликување на вистинити од невистинити информации, туку и способност младите, но и општата популација да знае да прими, да анализира медиумска содржина и критички да размислува за тоа. За жал, кај нас младите ретко следат социо-политички настани и се информираат. Дури 35% тоа го прават ретко, истиот процент тоа го прави понекогаш. Она што е интересно е дека младите се почесто следат социјални мрежи и интернет портали, тоа го покажува и нашето истражување, но и последното истражување на Институтот за комуникациски студии, но младите сметаат, односно најмалку веруваат на социјалните мрежи и интернет порталите“, рече Џугунманова.

Тие иако ги сметаат телевизијата и весниците за поверодостојни од социјалните мрежи и интернет порталите, многу помалку веруваат, а најмногу веруваат на разговорите со блиските и со експертите, истакна Џугунманова и додаде дека тоа што е загрижувачки е дека младите пасивно ги примаат вестите, односно се почесто не следат вести тенденциозно, туку, најчесто преку скролање на Инстаграм и Фејсбук налетуваат на некоја вест.

„Така што, неформалното образование е доста важно, но јас лично би го ставила акцентот на формалното образование, односно, зајакнување на медиумската писменост преку наставните програми, особено од аспект на социо-политичко информирање, справување со сензационалистички вести и теории на заговор“, рече таа.

фото: Собрание

Претседателот на Сојузот на средношколци Берин Мухамед рече дека чекор напред е тоа што сите знаат дека треба да се едуцираат и дообучуваат кога се зборува за медиумската писменост.

Како Сојуз на средношколци пред повеќе од една година, тој објаснува дека почнале со нивна иницијатива, каде излегле со документ, наречен Белата книга, кој сакаат да биде задолжителен предмет во средните училишта. Тој истакна дека со оваа иницијатива сакаат да одат суштински, за младите да бидат добро едуцирани за медиумската писменост, финансиска писменост, дебата и граѓанско образование.

„Кога зборуваме за медиумската писменост и дебата, нешто друго што беше споменато од страна на претседателот на Собранието, беше самата писменост на младите или јас ќе ја наречам ораторство. Гледаме дека младите во нашата држава, сум зборувал и со доста новинари кои кажуваат дека кога треба да се земе изјава од млади, многу се ретки тие што сакаат да излезат на камера. И тие што ќе излезат, не можат да ги врзат речениците меѓусебе. Тоа е една работа што веќе доста години е проблем во нашата држава“, рече Мухамед.

Тој истакна дека Сојузот на средношколци ќе предложи да има обуки каде ќе се отворат конкурси од националните телевизии и медиуми, а каде младите ќе можат заедно со новинарите да учат за целиот процес на вестите.

Истовремено, Мухамед се осврна и на Законот за средно образование. Тој истакна дека Законот е донесен во 1996 година и дека ништо суштински не е променето во него, а како што рече, нешто што беше споменато и од ВФД е дека треба суштински да се оди со ваквите промени.

„Неформалното образование не е дека ќе има пристап до сите средношколци во државата, а формалното образование, односно тоа што се врзува со Законот за средно образование ќе има пристап до сите. Некои теми, како темите за медиумска писменост, финансиска писменост, дебата и граѓанско образование што не се присутни до сите средношколци, да бидат присутни во формалното образование“, рече Мухамед.

Тамара Ќупева од Институтот за македонска литература пак, посочи дека заедно со Институтот за медиуми активно работат неколку години и дека веќе имаат интеграции и први чекори на медиумска писменост во наставните програми во основното образование.

„Но, кога станува збор за средното училиште, нека биде ова апел и до пратениците, да ги поддржат сите активности, иницијативи кои што ќе донесат интеграција на овие содржини и ќе ги подготви, особено средношколците, за живот во нивното време. Колку за потсетување, итно, ургентно е прашањето во таа смисла, затоа што наставните програми во средното образование последен пат, особено во гимназиското се реформирани во 1999, односно 2000 година, така што, 24 години има младиот човек кој бил роден тогаш, кога всушност се направени последните реформи. И конечно, пратениците се гласот на граѓаните, нека продолжат и понатаму да бидат глас на младите, кои заедно со нив, и со интеграција на нивните идеи ќе можат да направат навистина нешто што ќе бидат и конкретни чекори и ќе имаме готови резултати“, рече Ќупева.

Панел дискусијата беше дел од Деновите на медиумска писменост, а во воведните обраќања беше напомената важноста на медиумската писменост.

Мартин Колоски