Трето издание на фестивалот „Крошна“ во Скопје

Од 31 октомври до 4 ноември во Скопје, под мотото „Лабораторија за приказни – таму каде што се вкрстуваат нашите патишта“, ќе се одржи третото издание на Фестивалот на приказни за деца и млади „Крошна“.

Како што информираат организаторите, оваа година посетителите ќе имаат можност да слушаат македонски, грчки, полски, словенечки и шпански приказни во различни формати.

„На овој  начин сакаме на децата да им ја пренесеме пораката дека сите деца и многу возрасни на светот сонуваат убави соништа: сонуваат за светла земја, во која луѓето не се плашат и се гледаат во очи, за земја во која се игра, се пее, се раскажуваат приказни и лебот се дели на еднакви парчиња“, додаваат оттаму.

Програмата вклучува концерт со детски песни на Георги Шарески и Џијан Емин, по текст на Владимир Лукаш, изложба на илустраторката Наталија Лукомска и работилници што ќе ги водат писатели за деца од Грција и од Полска, Марија Папајани и Марќин Шчигелски. Хуан Олер од креативното студио „Милимбо“ од Валенсија ќе одржи предавање за создавање содржини за деца на јавни простори, а главниот настан ќе биде панел-дискусија за елементите во приказните што нè поврзуваат со наслов „Каде се вкрстуваат нашите патишта“.

Настаните ќе се одржуваат во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, Културно-социјален центар „Јадро“, во библиотеката „Другарче“, во кафе-книжарница „Буква“, во Театарот на сенки „Сенки и облаци“ и во Драмскиот театар во Скопје.

Повеќе информации и детали за програмата може да најдете ТУКА.