35. Џем сесија вечер во „Лабораториум“

Вечерва, (30 октомври) со почеток во 21 часот, ќе се одржи 35. Џeм сесија (Jam Session) во културно едукативниот центар Лабораториум.

Без разлика дали се етаблирани или сеуште се градат, од „Лабораториум“ велат дека оваа сесија на импровизации е наменета за музичари.

„Доаѓаат да се изразат себеси на нов и експериментален начин, воедно да се сретнат и со други музичари и преку фузија на нивните различности да направат кохезија. Свират, се наоѓаат едни со други и веќе од досегашните сесии се формираа три бенда: „Еритра„, „Калиба„ и третиот сеуште нема име бидејќи им недостасува тапанар, ќе формираат име кога ќе се комплетираат. Многу често гостите си носат и свои инструменти, си ги поставуваат и учествуваат во сесијата. Доста често се случува да донесат инструмент што го немаме тука, како кларинет, или процесор машина, кое наоѓаат свое место во оваа хаотична фузија, која тие ја претвораат во нешто ново и возбудливо кое неретко ја кренува публиката на нозе. Ова почна една среда во февруари каде што учествуваа тројца и сесијата траеше многу кратко, бидејќи се случи многу спонтано, но остави силни импресии врз сите нас. По неколку месеци младите музичари потполнo си ја превземаа активноста и сите сме горди што џем сесијата е сега нивна, ние само ја подготвуваме бината и потоа сме само гости на настанот„ вели тимот на Лабораториум.

Инаку, Џем сесија (Jam Session) е настан кој се одржува секоја среда со почеток во 21 часот од февруари годинава. Од Лабораториум велат дека секој кој сака да учествува е добредојден.

„Се мести стандарден сетап: гитара, бас гитара, тапани и синтисајзер и секој вљубеник може да дојде и да свири на овие инструменти, или пак може да си донесе свои. Тука и публиката игра важна улога: некому е првпат на сцената, и публиката ги охрабрува и кога се толку добри што музиката која ја креираат е нова и нема да ја најдeте на Shazam, но и кога заради трема, нема да тргне од прва. Сите тие луѓе се таму за музичарите на сцена да успеат, активноста е бесплатна, нема никакви обврски за учесниците и секој љубител на овој тип на музика е добредојден“, додаваат оттаму.

Настанот има потреба и од волонтери. Доколку сакате да се пријавите пишете на  contact@laboratorium.mk.