Во пресрет на денешниот ден кој во делови од светот се празнува како Ноќ на вештерките, вчеравечер во пабот „Беертија“ се читаше „страшна“ поезија, се продаваа графики, обетки, привезоци со мотиви инспирирани од духови, вештерки и разни други страшни филмски и книжевни ликови. Дел од присутните беа облечени во црно со поупадлива шминка што одговараше на амбиентот на местото кое деновиве е претворено во „куќа на стравот“ со пајажини и други плашила што висат од таванот и по ѕидовите.
„Halloween“ базарот во организација на „Пламен Ивентс“ беше придружен со 12. „Поетска епизода“ – поетско читање за различни генерации автори кое го организира младинското здружение „Култура Бета“.
„Епизодата“ почна со интерпретација на песната „Гавранот“ од американскиот писател Едгар Алан По. Потоа на сцената свои песни и препеви читаа Лидија Димковска, Андреј Ал-Асади, Милена Сиљаноска, Никола Наумовски и Драгана Стојадиновска.
Некои од „Поетските епизоди“ досега биле тематски, некои биле на слободна тема, а како што велат организаторите пред сè тие се простор каде може да се „измешаат различни генерации, различни гласови, различни поетики и да битисуваат заедно“.
„Сето тоа е пропратено со убавата атмосфера што ни ја возвраќа публиката што доаѓа на овие настани“, вели Марија Велинова од „Култура Бета“. Таа додава дека особено се радуваат што ги поканиле да бидат дел од ваков поголем настан кој зближува луѓе.
Поетското читање беше поделено во два круга. За време на паузата се активираше уште еден штанд за продажба на стари книги кои здружението ги собираше во септември по што го одржа фестивалот „Ре-култура“. Собраните средства потоа одат за организирање настани и објавување самостојни изданија на „Култура Бета“. Освен тоа, имаше и кутија за донација на песни каде може да се остави песна, со потпис или анонимно, што потоа можеби ќе се најде на некој од каналите на здружението.
„Можеби кај нас нема некој што точно пишува хорор поезија, туку песните повеќе се проникнуваат со некои понепријатни чувства или помрачни теми и можеби кога првпат помисливме кого би поканиле да чита ваква поезија и ние самите останавме некако зачудени. Но, потоа сфативме дека многу повеќе слоеви има во тоа хорор отколку самото заплашување на луѓето. Потоа, кога ги разгледавме песните на повеќе автори, дури тешко ни беше да одбереме кои би можеле да присуствуваат“, вели Велинова.
Следната „Поетска епизода“ веројатно ќе се случи до крајот на оваа година, а за темата уште не се знае. Инаку, програмата за „Ноќ на вештерките“ во „Беертија“ продолжува и денес со забава под маски.
Ангела Бошкоска