Северна Македонија е умерено подготвена во областа на образованието и културата, нотира Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на земјава. Според извештајот, постигнат е ограничен напредок на ова поле во изминатата година, а се нотира и дека носењето на клучните закони како што се Законот за средно образование, Законот за образование на возрасни и Законот за стручно образование и обука (СОО) беше одложено.
Препораките на Комисијата од минатата година беа само делумно спроведени и со тоа остануваат во голема мера валидни, се посочува во извештајот.
Па така, С. Македонија во наредната година, како што пишува во препораките на ЕК, треба да ги донесе трите закони, но и да продолжи со формирање и операционализација на регионалните центри за стручно образование и обука. Дополнително, таму се наведува дека е потребно да се подобри пристапот до квалитетно образование за сите, особено за децата со попреченост и децата од ромските заедници, но и понатаму да ги развива вештините на наставниците и да инвестира во нивниот континуиран професионален развој.
Во однос на инклузивното образование, земјава постигнала одреден напредок, поточно во основното образование. Според извештајот на ЕК, од учебната 2023/2024 година, учениците со посебни образовни потреби се запишуваат во редовните основни училишта, зголемувајќи го нивниот број по апликации на 10%.
Таму се посочува и дека вкупниот број на образовни асистенти во основното образование изнесувал 820 и се додава дека во текот на извештајниот период, властите објавиле повик за ангажирање на 40 ромски образовни медијатори од 28 општини за поддршка на учениците Роми во основното образование.
„Во учебната 2023/2024 година вкупниот број на ученици Роми во основното образование е 9.657 додека во средното 1.970, при што околу две третини се стипендисти. Во високото образование, властите доделија 135 стипендии за студенти Роми, додека вкупниот број на активни студенти Роми во образовниот систем е 250“, стои во извештајот на ЕК.
Стратегијата за образование 2018-2025 е главниот документ со кој се уредува образовниот сектор, но нејзините механизми за следење и понатаму не се добро дефинирани, истакнуваат од Европската комисија. Според нив, целите и индикаторите треба да се подобрат за да се овозможи соодветна евалуација на спроведувањето на реформите, додека властите треба и да ја зајакнат координацијата помеѓу институции во развојот на законодавството.
Воедно, за надлежните упатуваат и критика „да ги подобрат капацитетите во училишниот систем што ќе се овозможи оптимизација и реструктуирање на училишната мрежа, при што ќе се зголеми ефикасноста на образовниот систем“.
Јавната потрошувачка за образование и обука минимално се намалила на 3.17% од БДП во 2024, споредено со 3.58% во 2022 година, што е сè уште далеку под просекот на ЕУ од 4.7%. Буџетот за образование пак се намалил за 2.55%, како дел од вкупниот државен буџет во 2024 година, односно од 11.7% во 2023 година на 9.15% оваа година.
Во однос на културата и заштитата на културното наследство, ЕК нотира дека е одложено и усвојувањето на измените на националното законодавство за култура и новата национална стратегија за 2023-2027 година за развој на културата и заштита на културното наследство.
„Министерството за култура треба да ги зајакне капацитетите за заштита и промоција на различноста на културните изрази во земјата, вклучително и наследството. Извештајот на Државниот завод за ревизија ја откри потребата од зајакнување на правниот и оперативниот систем на Агенцијата за филм на земјата“, вели ЕК.
Културното наследство на земјата треба подобро да се чува, објаснуваат од Европската комисија. Оттаму додаваат дека треба да се разгледаат и натамошни напори за зајакнување на институционалниот одговор и меѓуинституционалната соработка за заштита на местата на културното наследство, како што е Старата скопска чаршија.
Целиот извештај на ЕК на англиски јазик е достапен тука.
Мартин Колоски