Дијалог на македонски визуелни уметници вечерва во Центар – Јадро

Дијалог на македонски визуелни уметници како продолжување на серијата разговори на соработката Опсесивно посесивна агресија (ОПА) вечерва во Центар – Јадро со почеток од 20 часот.

„Ја продолжуваме серија разговори со визуелни уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на локалната и меѓународната уметничка сцена, и за кои сметаме дека со своите дела, темите кои ги обработуваат, и авторскиот интегритет се релевантни до денес. Изборот на авторите и разговорите е реализиран и модериран од историчарката на уметност и кураторка, Ана Франговска“, истакнуваат од Центар – Јадро.

Поттикнати од фактот дека, како што велат, на нашата сцена сме постојано соочени со недостаток на континуитет на структурирана анализа и историографија на работата на нашите визуелни уметници и дизајнери, во 2020 година ја започнале серијата разговори и презентации на визуелни уметници, графички дизајнери и видео уметници од Македонија.

„Она што ни е особено важно е да ги поттикнеме авторите да проговорат за своите дела, креативниот и технички процес, како и за состојбите во кои тие создаваат. Многу наши визуелни уметници имаат богата продукција и под тешки услови успеваат да ги изложат своите дела на релевантни локални и меѓународни изложби. Во периодот од 2020 до 2023 година реализиравме 25 разговори кои беа документирани со видео и потоа транскриптите од разговорите беа публикувани во книгата ‘Во дијалог’“, информираат оттаму.

Инаку, ОПА е соработка основана во 2001 година, меѓу визуелните уметници Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски. Пристапот на ОПА е „context-based“, вклучувајќи пародија, креирана реалност, псевдо-документарци, тактички медиуми и стратегии на претерана идентификација и субверзивна афирмација. ОПА има самостојно изложувано во Македонија, Хрватска, Франција, Германија, Естонија, САД, Холандија, итн; има учествувано на повеќе групни изложби и фестивали, меѓу кои, „Трансмедиале“ во Берлин, „Трансеуропа – Европски театарски и перформанс фестивал“ во Хилдесхајм, „Freewaves – Биенале на нови медиуми“ во Лос Анџелес, „Биенале на современи уметности“ во Москва, „Арс Електроника“ во Линц и има остварено резиденцијални престои во Франција, Германија, Швајцарија, Естонија, Холандија, итн. ОПА е соосновач и активен член на Иницијативата Кооперација (2012-2015) и колективот „Forms of Ownership“ (2018-2021).