Европска комисија препорачува да се донесе нов Кривичен законик, советниците на премиерот сѐ уште не се објавени – „бистри“ и „матни“ коруптивни настани за октомври 2024

Редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесување и борбата против коруција, наречена „Бистро-Матно“, која ја спроведува „Транспаренси Интернешнл Македонија“, ги издвои „бистрите“ и „матните“ настани за месец октомври. Како „матен“ настан за изминатиот месец во Барометарот на корупција е наведено дека Европската комисија (ЕК) препорачува да се донесе нов Кривичен законик откако измените од септември 2023 влијаеја негативно на борбата против корупцијата. Исто така, таму се вели дека и по истекот на повеќе месеци, Владата нема објавено кои се лицата кои се советници на премиерот Христијан Мицкоски.

Од ЕК забележуваат дека „измените на Кривичниот законик од септември 2023 година ја ослабнаа правната рамка, негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата, особено во случаите на високо ниво“.

Оттаму додаваат и дека „измените на Кривичниот законик од септември 2023 година ја ослабнаа правната рамка, негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата, особено во случаите на високо ниво“.

„Многу тековни случаи беа прекинати или поради истечен рок на застареност или поради тоа што конкретни прекршоци, како што е злоупотребата на службената положба при јавните набавки, веќе не постојат“, се вели во извештајот на ЕК.

Освен нов Кривичен законик, од ЕК препорачуваат и да се подобри имплементацијата на националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси и да се обезбедат човечки и финансиски ресурси на Основното јавно обвинителство за организиран криминал, како и да се подобри проверката на имотните листови на избраните и именуваните функционери и надзорот над финансирањето на изборната кампања.

Во делот за корупцијата, во извештајот се вели дека земјата е помеѓу одредено ниво на подготовка и умерено ниво на подготовка и не постигнала напредок во превенцијата и борбата против корупцијата.

„Корупцијата останува распространета во многу области и е прашање што предизвикува сериозна загриженост“, стои таму.

Како „матни“ настани за октомври наведено е и дека Владата треба да биде транспарентна кога се во прашање советниците на премиерот. И по истекот на повеќе месеци, Владата нема објавено кои се лицата кои се советници на премиерот Мицкоски. Оттаму мора да ги објават имињата, хонорарите и работните обврски на советниците на премиерот.

Во Барометарот се вели и дека загрижува одлуката за тајно гласање на управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители за изборот на директор; тоа што разрешен судијата Лазар Нанев, 97 пати се јавувал на обвинет во предмет што тој го судел. Исто така, под „матни“ настани се наведени и неповолниот извештај за Министерството за култура од Државниот завод за ревизија и застарувањето и на третата затворска казна на Груевски.

Додека пак, „бистро“ е дека 16 службеници се осомничени за примање поткуп, а двајца за злоупотреба на службената положба и овластување, поднесено е обвинение за проневера во службата во ЈСП Скопје – Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против три лица за проневера. Поднесена е и кривична пријава за злоупотреба на службена положба за 12 полицајци и шест вработени во Државни патишта, додека странец е осомничен за давање поткуп на Блаце.

„Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справи со овој проблем. На овој начин, сите заедно допринесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина“, велат од „Транспаренси Интернешнл Македонија“ за Барометарот на корупција.

Целиот Барометар на корупција за месец октомври прочитајте го на следниов линк.