Изложба на слики од Владимир Темков на 6 ноември во КИЦ

Изложбата на уметникот Владимир Темков ќе се случи на 6 ноември, среда, со почеток во 20 часот во продажниот ликовен салон на Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје.

„На изложбата Владимир Темков ќе се претстави со 30 досега неизложувани слики од неговиот последен циклус“, се вели во најавата за настанот.

Уметникот е роден во Кавадарци во 1959 година. Средно уметничко училиште и Педагошка академија завршува во Скопје во класата на професор Ванчо Георгиевски, а на Факултет за ликовни уметности – отсек графика дипломира во класата на проф. д-р Трајче Блажевски. Магистерски студии – отсек сликарство завршува на Факултет за ликовни уметности во Скопје во класата на проф. Благоја Маневски. Основач и организатор е на Меѓународната ликовна колонија Кавадарци-Михајлово од 1996 година.
Добитник е на многу домашни и меѓународни признанија од областа на ликовната уметност. Има учествувано на голем број групни изложби, ликовни колонии, симпозиуми, семинари и друго. Живее и работи во Кавадарци. Самостојно изложува од 1983 година.