Јубилеен осврт – 25 години од објавувањето на култниот сингл на Aphex Twin „Windowlicker“ за издавачката куќа Warp Records.
Во 1999 година, Aphex Twin го објави култниот сингл и музичкото видео „Windowlicker“ ремек-дело кое и по 25 години останува како еден од највпечатливите и најекспериментални моменти во историјата на електронската музика. Ричард Д. Џејмс, познат под псевдонимот Aphex Twin, преку овој сингл и видео пренесе визија која ги надмина музичките и визуелните норми, создавајќи провокативна, сатирична и технички комплексна песна која ги разниша основите на мејнстрим музичката култура.
Со овој сингл, Aphex Twin создаде аудиовизуелна симфонија која делува како пародија и како критика на индустријата и популарната култура. Музиката е суптилно субверзивна и комплексна, играјќи со звуци кои преминуваат од нежни, речиси романтични мелодии, до искривени, дисторзирани ритми кои се речиси агресивни. Како резултат, песната звучи како микс од совршено контролиран хаос кој создава напнатост и стравопочит. Со својот препознатлив стил, Aphex Twin манипулира со електронските елементи, создавајќи комплексен музички пејзаж кој и денес ја предизвикува и фасцинира публиката.
Музичкото видео, режирано од Крис Канингем, го истакнува визуелниот аспект кој е длабоко врежан во меморијата на љубителите на алтернативата и електронската музика. Канингем, познат по својата соработка со Aphex Twin, создаде едно од најконтроверзните музички видеа на сите времиња. Видео клипот, кој започнува како карикатура на типичниот „рап спот,“ ги пренасочува очекувањата на публиката кон нешто мрачно и бизарно, со тоа што лицето на Ричард Д. Џејмс е дигитално изобличено и додадено на ликовите, што создава истовремено вознемирувачки и комичен ефект. Овој визуелен трик е еден од највпечатливите елементи на видеото и симболично ја претставува сатиричната порака на уметникот.
Сценариото на видеото, го критикува и карикира типичното „машко фалење“, површноста и материјализмот во музичките спотови. Оваа сатира и визуелниот екстремизам на видеото го доведуваат гледачот до чувство на непријатност, но и фасцинација. Сето ова ја истакнува генијалноста на Aphex Twin, кој постојано ги предизвикува и преминува жанровските граници.
„Windowlicker“ ги отвори портите за нова генерација на уметници и композитори, кои инспирирани од експериментите започнаа да се оддалечуваат од конвенционалното и да бараат нови начини на изразување. Овој сингл ја редефинираше границата меѓу популарната и авангардната музика, а Канингем и Aphex Twin покажаа дека музичкото видео може да биде моќна платформа за уметничка провокација и критика.
И по четврт век, „Windowlicker“ останува врвен пример за уметност која се осмелува да ги прекрши правилата и која и понатаму ги инспирира идните генерации.
Јане Алтипармаков