Српскиот министер за градежништво најави оставка по несреќата во Нови Сад – за денеска е најавен протест

Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ, најави дека денеска официјално ќе поднесе оставка поради несреќата во Нови Сад, кога во уривањето на настрешницата на железничката станица загинаа 14 лица, а тројца беа тешко повредени, јавува Н1.

Весиќ рече дека не ја прифаќа вината за несреќата што се случи, туку дека оставката ја поднесува како одговорен човек. Весиќ рече дека на премиерот Милош Вучевиќ му понудил оставка истиот ден кога се случила несреќата и дека својата намера му ја соопштил и на претседателот на Републиката.

„Не можам да прифатам вина за смртта на 14 луѓе бидејќи ниту јас, ниту луѓето кои работат со мене немаме трошка одговорност за трагедијата што се случи“, посочи Весиќ.

Весиќ рече дека сите документи поврзани со проектот биле издадени пред тој да стане министер и дека во неговиот мандат бил направен само финалниот проект за извршување на работите, кој, како што рече, не бил ниту одобрен од министерството со кое раководи.

Тој ги повика надлежните да утврдат кој е одговорен и кој во кругот на проектант, изведувач, надзор, инвеститор не ја извршил работата поради која загинаа 14 невини луѓе.

За денеска во Нови Сад е најавен и протест поради несреќата на Железничката станица, пренесува „021“.

Протестот ќе започне во 18 часот, а организаторите од групата „СвиЌе“ велат дека за денеска се планирани симболични активности, но дека ќе се оди во се порадикални постапки. Протестот го поддржаа и партиите на обединетата новосадска опозиција.

Во неделата протест се одржа и во Белград каде се собраа повеќе стотици луѓе кои побараа одговорност од властите за несреќата. Демонстрантите бараа оставка на Весиќ, а дел од нив ги обоија рацете со црвена боја, наведувајќи дека симболично им порачуваат на властите дека „рацете им се крвави“. Тие оставија и траги од црвени раце пред најважните државни институции.

Загинаа 14 граѓани откако се урна настрешницата на Железничката станица во Нови Сад