Новото издание на списанието „Спознавање“ ќе биде промовирано на 9 ноември, сабота, со почеток во 17 часот во просториите на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Битола. На настанот ќе се прикажат филмови, ќе има базар, музика, изложба и инсталација.
Настанот ќе започне со проекција на краткометражни филмови „Life of a board“ од Леона Јариќ, „Music Theory“ од Леон Ристов и „Мала шега“ од Трифун Ситниковски, избрани од Младинскиот филмски Фестивал (МФФ).
„Потоа од 18 часот следи базар од локални креативци, со кои ќе може да прочитате интервјуа во новото на Спознавање, како ‘ЛОМ Лабел’, Емилија Трајковска, Луна Адитеја, Бојана Исијанин и други. Исто така и изложби на ламби од рециклирани материјали од ‘2nd Cycle’ на Христо Бојаџиев, инсталација ‘Чергари’ од колективот Партизанска Штампа и најчитаните интервјуа на Спознавање“, се вели во најавата.
Додека, од 20 часот започнува настап на Теа Шалдева и Огнен Златанов, а од 21 часот на „Алембик“. Дел од содржината на ова списание се локалниот бенд „Sioto Jazz“, мултимедијалната уметница и основачка на „Словокулт“, Елизабета Костадиновска, фотографката Емилија Трајковска, како и колумна од Бојан Станиќ.
„Спознавање“ е креативна платформа за глас на локалната сцена. Зад изработка на содржината стојат Анамарија Мишачковска – графички уредник, Дарко Беровски – главен уредник, Мартина Даниловска и Ангела Петкова – новинарки, Емилија Трајковска и Иво Велчевски – фотографи.
На промоцијата на новото Спознавање ќе бидат достапни бесплатни менструални влошки обезбедени од „ДМ Македонија“.
Настанот е организиран во соработка со МКЦ Битола во рамки на проектот „Урбана Агенда“.