Мрежата за заштита од дискриминација и Женската менторска мрежа Стела изразуваат голема загриженост заради можноста за усвојување на предлог-закони за основно и средно образование кои, според нив, ќе значат назадување наместо унапредување на заштитата на учениците од дискриминација и насилство во образовниот процес. Тие бараат двата предлог-закони да се повлечат и да се вратат во работна група која би се дополнила со стручни лица од областа на правото и човековите права, како и да бидат вклучени во работната група или да бидат консултирани пред текстот да биде испратен до Влада на разгледување и усвојување.
„Во предлог-законите за основно и средно образование, спротивно на правната хиерархија, се отстранети заштитените основи од дискриминација ‘род’, ‘родов идентитет’ и ‘сексуална ориентација’. Ова е прв случај на уназадување на заштитата од дискриминација во нашето законодавство“, велат оттаму.
Како што посочуваат, со предлог-измените најгрубо се кршат правата на децата, како и директно се загрозува нивниот ментален и физички интегритет. Кога институциите системски ќе исклучат и избришат одредени групи ученици, истакнуваат, тогаш тие директно даваат сигнал дека се охрабрува понатомошното исклучување и опресија во општеството на овие групи.
„Ваквите постапки им даваат сигнал на агресорите, од коишто жените, девојчињата и ЛГБТИ+ учениците трпат постојано насилство, дека нивните постапки се само продолжение на тоа како институциите ги третираат овие групи, нормализирајќи го нивното насилство. Со донесувањето на овие измени, Законите за основно и средно образование ќе бидат спротивни на одредбите и духот на Законот за спречување и заштита од дискриминација, во кој родот, сексуалната ориентација и родовиот идентитет се препознаени како основи на дискриминација. Дополнително, неусогласувањето и одењето спротивно на одредбите на Законот за спречување и заштита од дискриминација претставува повреда на одредбите од Уставот (член 8 ст.1 т.1 и 11)“, нагласуваат од Стела и од Мрежата за заштита од дискриминација.
Тие наведуваат дека законите кои се испратени на усвојување во Владата се изменети во својата суштина и контекст од оние кои беа достапни за коментирање од страна на јавноста (на ЕНЕР).
„Во овој момент, загрижени сме дека во Владата ќе се усвојат закони кои се презентираат како закони за кои се произнела стручната јавност, но станува збор за верзии кои не се објавени и кои не се достапни за коментирање. Згора на сè, предлог-законите не содржат образложение за штетните одреби со кои се загрозува заштитата од дискриминација во основното и средното образование“, потенцираат оттаму.
Како што велат, мрежите ја поддржуваат заложбата на Владата да се постапи согласно Пресудата на Европскиот суд за човекови права – Елмазова и други против Македонија. Сепак, посочуваат дека предлог-законите содржат елементи кои не се однесуваат на оваа пресуда, а директно и недвосмислено претставуваат повреди на меѓународното право и човековите права.
„Потсетуваме дека сите слободи и права кои државата ги гарантирала на граѓаните со ратификување на меѓународните конвенции се сметаат за слободи и права загарантирани како темелна вредност на уставниот поредок“, нагласуваат тие.
Општите коментари на Комитетот за правата на децата, Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените со своите општи препораки, Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство – се ратификувани и согласно тоа имаат иста важност како постоечките закони во републиката, забележуваат тие. Врз основа на ова, сметаат, не смее да се дозволи носење закони спротивни на меѓународните конвенции што Македонија ги има ратификувано.
„Ние, како претставници на граѓанското општество чијашто работа и застапување се насочени кон недискриминацијата, почитувањето на човековите права и инклузија на маргинализираните заедници, доставивме барање за средба до Министерката за образование и наука на којашто сакаме да ги истакнеме нашите барања“, информираат од мрежите.
Оттаму бараат двата предлог-закони да се повлечат, да се вратат во работна група која би се дополнила со стручни лица од областа на правото и човековите права за да се подготви текст кој ќе обезбеди гарантирање на сите права кои како држава сме ги гарантирале со потпишување и ратификување на меѓународните конвенции и да бидат вклучени во работната група или да бидат консултирани пред текстот да биде испратен до Влада на разгледување и усвојување, со цел да утврдат дали предлозите се усогласени со постоечките правно обврзувачки акти.