Доналд Трамп прогласи победа на претседателските избори во САД

Републиканскиот кандидат Доналд Трамп прогласи победа на претседателските избори во САД, на кои милиони Американци избираа помеѓу него и актуелната потпретседателка Камала Харис.

Конечните резултати сè уште не се објавени, но последните информации говорат дека Трамп речиси и сигурно по четири години ќе се врати во Белата куќа. Републиканците синоќа ја презедоа контролата врз Сенатот, горниот дом на американскиот Конгрес, откако ги освоија местата на демократите.

„Сакам да му се заблагодарам на американскиот народ за извонредната чест да бидам избран за ваш 47-ми претседател и ваш 45-ти претседател. И секој граѓанин, јас ќе се борам за тебе, за твоето семејство и за твојата иднина. Секој ден ќе се борам со секој здив во моето тело“, рече Трамп во победничкиот говор, пренесува „Си-Би-Ес“.

Трамп рече дека Америка „ни даде невиден и моќен мандат“, истакнувајќи дека републиканците ја вратија контролата врз сенатот.

„Ова навистина ќе биде златното доба на Америка“, рече тој.

„Ги надминавме пречките за кои никој не мислеше дека се можни. Ќе и помогнеме на нашата земја да заздрави, имаме земја на која многу ѝ е потребна помош“, рече тој, истовремено повторувајќи го своето ветување дека ќе ја сузбие илегалната имиграција.

Според последните информации, Трамп победи во неколку клучни „свинг“ држави, меѓу кои и во Пенсилванија, каде освои 19 електорски гласови, како и во Џорџија и Северна Каролина.

И во однос на народните гласови, Трамп, според последните податоци води со околу 5 милиони гласови повеќе, односно Трамп освои 51.1% или околу 70 милион гласови, додека Харис освои 47.4%, односно околу 65 милиони гласови.

Генерално, Трамп победи во повеќе сојузни држави, вклучително Тексас и Охајо. Харис пак победи во повеќето североисточни држави и Калифорнија.

Бројни светски лидери веќе му честитаја на Трамп, меѓу кои и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претседателот на Франција Емануел Макрон, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, унгарскиот премиер Виктор Орбан, претседателот на Украина Володимир Зеленски, премиерот на Обединетото Кралство Кир Стармер и други.

Трамп претходно служеше како 45-ти претседател на САД. Во 2020 година, на претходните претседателски избори тој повторно се кандидираше за функцијата, но беше поразен од Џо Бајден.